Сите пратеници на Српската листа во Собранието на Косово, министерот во Владата на Косово, градоначалниците во четири општини во северниот дел на Косово, како и сите претставници на Србите во косовските судови и полиција поднесоа оставки, известува Агенција Анадолија (АА).
По вонредната седница на сите политички и институционални претставници на косовските Срби од северниот дел на Косово што се одржа во Општината Звечан, претседателот на Српската листа, Горан Ракиќ, соопшти дека е одлучено Србите да ја напуштат Владата, Собранието на Косово, како и сите институции на северот од Косово.
„Токму поради нашата одлучност да го почитуваме меѓународното јавно право и да го одбраниме Бриселскиот договор и сите останати постигнати договори во дијалогот, одлучивме да ги напуштиме сите политички институции, Собранието, Владата, сите четири општини во северниот дел на Косово, но да го напуштиме и учеството и работата на Србите во органите на судството, полицијата и својот административен персонал во четири општини на северот од Косово. Овие одлуки за напуштање и суспензија во институциите ќе останат на сила сѐ до моментот кога Приштина ќе почне да ги почитува меѓународното право и договорите постигнати во Брисел“, рече Ракиќ.
Тој наведе дека е заклучено оваа одлука да остане на сила сѐ додека Приштина не ја повлече „едностраната и противправна одлука“ за пререгистрација на табличките и додека не формира Заедница на српски општини во согласност со Правниот договор од Брисел и сите други договори кои се постигнати во дијалогот.
Ракиќ рече дека Србите не му се закануваат никому, туку го чуваат своето достоинство.
Потоа тој стана и официјално поднесе оставка од местото министер во Владата на Косово. Потпретседателот на Српската листа, Игор Симиќ, во име на 10 српски пратеници поднесе оставка од Собранието на Косово.
Судијата Никола Кабашиќ поднесе оставка во име на судиите и обвинителите на Основниот суд во Северна Митровица и во Апелациониот суд.
Градоначалникот на Звечан, Драгиша Миловиќ, поднесе оставка во име на сите градоначалници и одборници во четирите општини во северниот дел на Косово, додека капетан Александар Филиповиќ поднесе оставка во име на српските припадници во Косовската полиција.
Потоа присутните полицајци ги соблекоа униформите на Косовската полиција.
Претходно регионалниот директор на Косовската полиција за северот соопшти дека припадниците на Косовската полиција од српската заедница на северот од Косово одбиле да ја спроведуваат наредбата на Владата на Косово за казнување на граѓаните чии возила не се пререгистрирани со таблички РКС, поради што бил суспендиран од страна на в.д. директорот на Полицијата на Косово.
Иако САД и ЕУ упатија барање за продолжување на рокот за примена на новиот режим на регистарски таблички на 9 месеци поради постоењето опасност од ескалација на безбедносната ситуација во северниот дел на Косово, Владата на Косово на 1 ноември почна со примена на својата одлука.
извор: Агенција Анадолија (АА).
фото: Агенција Анадолија (АА).