Пријавени 2.880 случаи на зболени од грип и респираторни заболувања слични на грипот

Од 3 до 9 февруари пријавени се 2.880 случаи на зболени од грип и респираторни заболувања слични на грипот, што е за 5,1 проценти помалку во споредба со претходната недела.

Според податоците на Инстутот за јавно здравје, во однос на истата недела минатата годинa, сега е забележано зголемување за дури 53,6 проценти.

Од заболените оваа недела, 1.552 лица се на возраст помеѓу 15 и 64 години. 685 кај деца на возраст од 5 до 14 години, 317 кај деца на возрст од 0 до 4 години, 272 кај лица над 65 години, информира директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска.

Најмногу пријавени случаи на грип има во Скопје по што следуваат Струмица, Битола и Свети Николе.

Во однос на вкупниот број на заболени оваа сезона, досега има пријавено 11.614 лица, што во споредба со мината година претставува зголемување од 10,2 проценти.

„Како заклучок може да се констатира дека се забележува зголемување на бројот на зболени од вируси слични на грипот, кој е над неделната граница за средна активност. Резултатите добиени покажуваат дека има широка географска активност на вирусот, а проценот на позитивност е над границата од 10 проценти пет недели по ред. Во согласност со податоците, Македонија има висок интензитет на вирусот на грип во овој период“, рече Андоновска.

Бројот на заболени е зголемен и во регионот и во другите европски земји.

 

 

 

skopjeinfo.mk