Продолжува екстремно топлиот бран и од утре па цела недела, температури до 45 степени и тропски ноќи

Новата работна недела која е пред нас и понатаму ни носи екстремно високи температури на воздухот, но со тоа што тие ќе бидат дури и повисоки за разлика од изминативе денови. Нашата територија се наоѓа под влијание на екстремно топла воздушна маса која продира од северните предели на Африка, а под оваа екстремно топла воздушна маса се наоѓа  и целиот Балкански Полуостров.

Времето во текот на новата работна недела ќе биде стабилно, суво и сончево со појава на мала до умерена локална облачност. Температурите ќе се искачуваат во интервалот од 35 до 43 степени, но тие повремено во најтоплите централни и југоисточни предели од државава ќе се искачуваат  дури до околу 45 степени. Во Скопската котлина температурата повремено ќе надминува 40 степени.

Тука се  и тропските ноќи на повеќе места во Македонија, односно температурите во ноќните  и во раните утрински часови нема да се спуштаат под 20 степени. Ув индексот ќе има екстремно висока вредност 10, па така апелираме граѓаните да не излегуваат во најтоплиот дел од денот (од 11 до 17 часот), како и да пијат повеќе течности, пишува во најновата анализа метеопрогнозерот Славчо Попоски.

 

 

meteoalalrm.mk