Долго време „Проект 2025“ се сметаше за теоретска замисла на конзервативни мислители: радикална визија за втор мандат на Доналд Трамп. Создаден од влијателната Херитиџ Фондацијата (Heritage Foundation), проектот требаше да биде контрапункт на претседателството на Џо Бајден.
Новата насока: помалку поделба на власта, повеќе моќ кај претседателот, враќање кон конзервативни, христијански вредности – и јасен прекин со досегашниот надворешен и внатрешен политички поредок на САД.
„Проект 2025“ детално опишува како да се концентрира моќта, да се реорганизираат или затворат институции, да се заменат службеници и да се управува политички со институциите. Еден од архитектите, Расел Воут, сега е директор за буџет во Белата куќа со директен пристап до претседателот. Трамп долго време негираше дека го познава „Проект 2025“, а уште помалку дека го прочитал.
Но неодамна, двајцата испаднаа многу блиски, а Трамп го пофали Воут како идеен творец. Воут, пак, на прес-конференција во Белата куќа изрази задоволство од ангажманот на Трамп за проектот: „Трамп беше многу воодушевен од сите планови.“ Трамп постојано ја нагласува својата апсолутна моќ на одлучување: „Можам да правам што сакам! Јас сум претседателот!“ И тоа особено се гледа во три области.
Реорганизација на власта
Трамп владее речиси исклучиво преку декрети. Организации како УСАИД се распуштени, задачите се префрлени на приватни компании или партиски мрежи, Министерството за образование е ослабено.
Стотици илјади федерални службеници се отпуштени од „Агенцијата за ефикасност“ ДОГЕ (DOGE). Нови вработувања се вршат само врз основа на лојалност, не нужно компетентност.
Министерството за правда е реорганизирано, независноста на судовите отворено се доведува во прашање. Портпаролката на владата, Каролин Левит, ги критикуваше судиите како „партиски активисти“.
На прв поглед, тоа изгледа како административна реформа, но всушност е мешање во рамнотежата на демократските институции, со далекусежни последици.
„Америка Прва“ – повторно државна доктрина
Во надворешната политика, владата се фокусира на изолација, не само во миграциската политика. Меѓународни договори и мултилатерална соработка се раскинати, како Парискиот договор за клима или соработката со Светската здравствена организација. Климатските промени, човековите права или глобалната одговорност веќе не играат улога.
Наместо тоа, мотото е „America First“ („Америка Прва“), не само како слоган, туку како конкретна политичка насока.
Трамп отворено кажува што мисли за старите партнери како ЕУ: „ЕУ е основана само за да нè искористи.“ Наместо соработка, има царини, казнени мерки и откажување од меѓународен дијалог, освен ако САД не се во доминантна позиција.
DW




