„Усвојувањето на измените на сетот правосудни закони ги загрозува темелите на демократското уредување на општеството“, беше порачано од протестот пред зградата на правосудните органи во Нови Сад.
Адвокатите во Војводина на 10 февруари беа во еднодневен прекин на работата поради усвојувањето на сетот закони кои ги критикува дел од стручната јавност, но и Европската комисија, оценувајќи дека тие можат да ја загрозат независноста на судството и обвинителството, како и тековните постапки и истраги.
На протестот во Нови Сад на демонстрантите им се приклучија и судии и јавни обвинители.
Адвокатот, Горан Попов оцени дека усвојувањето на правосудните закони ќе доведе до директно намалување на независноста на правосудството, а со тоа и до слабеење на капацитетот на општеството да се бори против најтешките облици на криминал.
„Нема добар адвокат во правен систем кој се прекројува преку ноќ, нема правда за клиентите во закони што не му служат на општиот интерес, нема ефикасна правна помош во систем во кој виновниците ги гонат уценети обвинители, а правдата ја делат заплашени судии“, оцени тој.
slobodnaevropa.mk




