Рускиот претседател Владимир Путин, според наводи од Кремљ, по повод Велигден прогласил примирје од речиси ден и пол во војната против Украина. Тоа треба да започне во сабота во 16:00 часот (15:00 часот по средноевропско време) и да трае во текот на целиот нареден ден.
Министерот за одбрана Андреј Белоусов и началникот на Генералштабот Валериј Герасимов биле задолжени да ги прекинат борбените дејствија во сите правци за време на примирјето, соопшти Кремљ.
Трупите треба да бидат подготвени да спречат можни провокации и какви било агресивни дејствија од противникот, се вели во соопштението. „Очекуваме украинската страна да го следи примерот на Руската Федерација.“
Зеленски: Украина е подготвена за велигденско примирје
Украинскиот претседател Володимир Зеленски сигнализираше подготвеност на својата земја за примирје за време на велигденските празници. „Украина повеќепати јасно стави до знаење дека сме подготвени да преземеме реципрочни мерки“, изјави Зеленски во четвртокот (9.04). Според него, Киев предложил такво примирје за Велигден и „ќе постапи соодветно“.
Во руската агресивна војна против Украина, која трае повеќе од четири години, веќе имаше неколку обиди за временски ограничени примирја. Во минатото, завојуваните страни постојано меѓусебно се обвинуваа за прекршувања. Исто така, двете страни се обвинуваа дека ги користат овие периоди за прегрупирање на трупите и за повторно вооружување.
DW




