Расте бројот на жртви по пожарот во Хонг Конг, сопствениците на градежната компанија уапсени

Полицијата во Хонг Конг во четвртокот (27 ноември) ги уапси сопствениците на градежната компанија поради сомнение за убиство од небрежност по најголемиот пожар во градот во последните 80 години. Пожарот однесе најмалку 83 животи, а десетици лица се водат како исчезнати – јави Ројтерс.

До раните утрински часови, пожарникарите веќе во голема мера го ставија под контрола огнот што беснееше повеќе од 24 часа, разорувајќи го станбениот комплекс Ванг Фук Корт во северниот дел на Тај По. Комплексот бил во тек на реновација и обвиткан со бамбуски скелиња и зелена мрежа.

Повеќето жртви се пронајдени во два од вкупно осум блока во станбениот комплекс, изјави заменик директорот на Пожарникарските служби, Дерек Армстронг Чан.

Тој рече дека пожарникарите пронашле жители кои биле живи во неколку од зградите, но не даде дополнителни детали. Весникот South China Morning Post објави дека еден преживеан е пронајден на скалите во една од зградите.

 

 

 

slobodnaevropa.mk