РКЕ најавува поевтина струја и три часа евтина тарифа

Можно е евтината тарифа на електричната енергија да се продолжи за уште еден час, со што граѓаните ќе можат да користат поевтина струја секој ден во периодот од 13 до 16 часот.Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни ресурси (РКЕ), Марко Бислимоски во интервју за „Радио Слободна Европа“ викендов најави дека треба да се направи анализа за да се покаже дали постои можност евтината тарифа на струјата да се продолжи за еден час, односно до 16 часот.

„Зголемувањето на евтината тарифа го правиме за да се искористи евтината цена на електричната енергија во тие периоди. Исто така, со тој сигнал што го испраќаме до ЕСМ и до ЕВН Хоум, да купуваат електрична енергија во тие периоди, особено ЕВН Хоум, ние ќе обезбедиме и пониска цена на електрична енергија која сосема е возможно да ни обезбеди и намалување на цената на електричната енергија за домаќинствата“, вели Бислимоски.

Моментално евтината тарифа на струјата е од 13 до 15 часот. Регулаторната комисија треба да ја одобри новата цена на струјата на крајот на јуни и тогаш ќе се знае дали и колку ќе се намали цената на струјата.

Eвтината дневна тарифа на струјата стартуваше на 1 декември. Проценките беа дека едно семејство со просечна потрошувачка на струја на овој начин може да заштеди околу 1.000 денари месечно.

Од фотоволтаици струја за 204 илјади домаќинства
Според најавите на Бислимоски, домаќинствата може да добијат поевтина струја, како резултат на континуираниот инвестициски бум во фотоволтаични централи, кој влијае врз значително намалување на увозот на струја.

Во првите четири месеци од годинава РКЕ има издадени лиценци за нови фотоволтаици со вкупна инсталирана моќност од скоро 88 мегавати. „Ако се додаде оваа бројка на инвестициското елдорадо што се случува од 2022 година, тогаш станува збор за повеќе од половина гигават инсталиран капацитет или прецизно за две и пол години во државата има нови инвестиции во енергетиката близу 640 мегавати, што е колку РЕК Битола“, велат од РКЕ за ДВ.

Од овој инвестициски бум може да се снабдуваат над 204 илјади домаќинства со просечна потрошувачка.

„Генерално, цел овој инвестициски позитивен циклус предизвикан од енергетската криза ни донесе историски најнизок процент на увоз на струја од 30% на 2,75%. Конкретните придобивки се очекуваат да бидат кон цената на струјата, но и кон обемот на евтината тарифа. Во моментот се прават анализи, дали е возможно да ја ефектуираме оваа позитивна енергетска инвестициска слика кон дополнителен час евтина енергија, затоа што искуството покажа дека граѓаните ја зголемија потрошувачката за 18% токму во овој интервал што е двојно поевтин од регуларната цена. Правиме напори доколку анализите се позитивни, овој дополнителен час да може да го ефектуираме кога ќе има зголемена потрошувачка“, велат од РКЕ.

 

DW