Евроамбасадорот Михалис Рокас изјави дека усвојувањето на уставните измени е клучен предуслов за отворање на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија, нагласувајќи дека нон пејперот на Франција и Германија не ја менува постојната преговарачка рамка.
„Начинот на кој го гледам овој нон пејпер, иако не сум експерт за толкување на вакви документи, е дека прво треба да се усвојат уставните измени за да може да започнат преговорите“, изјави Рокас при посетата на Штип, одговарајќи на новинарско прашање дали документот овозможува интеграција во ЕУ без промена на Уставот.
Нон пејперот ја потврдува постојната рамка
Рокас посочи дека преговарачката рамка договорена во 2022 година јасно предвидува усвојување на уставните амандмани како почетна точка.
„По уставните измени следува меѓувладина конференција и потоа почеток на официјалните преговори. Убеден сум дека С. Македонија може брзо да напредува на патот кон ЕУ, во зависност од спроведувањето на реформите“, рече тој.
Според него, нон пејперот предложен од Германија и Франција не носи нови услови, туку ги систематизира чекорите во процесот на интеграција.
Процесот на интеграција е „жив и динамичен“
Евроамбасадорот нагласи дека документот го зајакнува процесот на проширување на ЕУ.
„Пораката од самитот во Тиват е дека проширувањето е жив, динамичен и ургентен процес. Земјите кандидатки не треба да ја пропуштат оваа можност“, изјави Рокас.
Тој објасни дека преговорите подразбираат отворање и затворање на поглавја, што бара претходно исполнување на условите, вклучително и уставните измени.
Во однос на реформите, Рокас оцени дека има забрзување, но конечната оценка ќе ја даде Европската комисија. Тој информираше дека претседателот на Собранието, Африм Гаши, го информирал дека до крајот на јуни се очекува донесување на дел од потребните закони.
Реформите се тековен процес и нивната имплементација е клучна за напредокот кон ЕУ.
Уставните измени – политичка одлука
Според него, усвојувањето на уставните измени е пред сè политичка одлука. „Тоа е одлука што треба да ја донесат Собранието и политичките партии. Кога ќе се одлучи да се оди напред, ќе следи редовна собраниска процедура“, рече евроамбасадорот.
Рокас се осврна и на акцискиот план за малцинствата, поврзан со односите со Бугарија, нагласувајќи дека документот е во фаза на оценување. Тој потсети дека предуслови за отворање на кластерите се: патоказот за владеење на правото и акцискиот план за малцинствата
„Постои простор за подобрување, но процесот се движи во добра насока“, изјави Рокас.
Во контекст на односите со Бугарија и внесувањето на Бугарите во Уставот, Рокас порача дека договорите мора да се спроведуваат. „Добрите соседски односи се дел од правото на ЕУ. Она што беше договорено во 2022 година треба да се реализира“, истакна тој.
DW




