Русија ја прилагоди тактиката во својата нова офанзива на источна Украина, изјави за Гардијан висок претставник на американскиот Пентагон. Тој додава дека „многу научиле од неуспехот на почетокот на инвазијата“.
„Во изминатите неколку дена видовме дека тие продолжуваат со нивните напори да создадат услови за офанзива. Ние тоа го нарекуваме операции за обликување“, рече тој.
Русија во последните денови премести 11 нови тактички групи на баталјони во источна и јужна Украина, подготвувајќи тешка артилерија, воздухопловни сили и други воени средства за офанзивата и испраќајќи повеќе војници во регионот. Москва ги повлече силите од север и донесе сили од областа околу Киев да се фокусираат на источниот фронт. Руската војска сега се концентрира на преземање контрола врз Донбас, пишува Ројтерс.
„Руските засилувања го поставија теренот за долготрајна битка за која воените аналитичари велат дека сигурно ќе нанесе големи загуби на двете страни додека Русите се обидуваат да ги опколат украинските борци закопани во одбраната на регионот Донбас“, објави Ројтерс.
Телма