Руската манекенка која го навредуваше Путин пронајдена мртва – бившото момче тврди дека ја задавил

Телото на руска манекенка, која исчезна пред повеќе од година откако на социјалните мрежи го критикуваше Владимир Путин, е пронајдено скриено во куфер. Дваесет и тригодишната Грета Ведлер е убиена од нејзиното поранешно момче Дмитри Коровин, кој призна дека ја задавил, пишува Daily Mail. Коровин признал дека ја задавил во Москва, по караница околу пари. Нејзината смрт не е поврзана со нејзините политички ставови и анализи за Путин.

Пред полицијата тој признал дека три ноќи спиел во хотелска соба со нејзиното тело, кое го ставил во куфер. Потоа куферот го ставил во автомобил и таму го оставил цела година. На социјалните мрежи константно објавувал фотографии и пораки од манекенката, за нејзините пријатели да веруваат дека е жива.

Нејзиниот пријател Евгениј Фостер, блогер во Харков, се посомневал и преку пријател во Москва го пријавил исчезнувањето на манекенката. Потоа било покрената истрага која резултирала со пронаоѓање на нејзиното тело, пренесе Mirror.

Нејзините објави за Путин датираат од јануари, 2021 година, месец ден пред да биде убиена и истите не се сметаат поврзани со нејзината смрт. Но, истите се морничави поради сегашните настани во Украина.

Манекенката пред една година изразила загриженост поради желбата на Путин за создавање поголема Русија, како и поради гушење на протестите во таа земја.

„Со оглед на фактот дека Путин минал низ многу понижувања во детството, не можел да се заземе за себе поради неговата физичка форма, воопшто не е чудно што го оставил факултетот и станал дел од КГБ. Таквите луѓе се плашливи уште од детството, се плашат од врева и мрак, од странци, па особините како внимателност, воздржаност и недостиг на комуникација се развиваат рано во нивниот карактер. Можам само да претпоставам, по мое мислење, дека во него се гледа јасна психопатија или социопатија. За психопатите е важно постојано да доживуваат чувство на исполнетост и острина на животот, затоа сакаат ризици, интензивни искуства, интензивна комуникација, интензивна активност – интензивен динамичен живот. Тој можеби навистина сака да го подобри интегритетот на Русија и искрено им сака добро на Русите. Но, дали тој воопшто може нешто да направи? Мислам дека и самите го знаете одговорот на ова прашање“, наведе таа во објава на Instagram.