Американската влада е загрижена поради влошувањето на хуманитарната ситуација во Појасот Газа. Според пишувањата на медиумите, двајца министри му поставиле ултиматум на Израел. Ако ништо не се преземе, воената помош може да биде прекината.
Според извештаите на медиумите, американската влада го повикала Израел во рок од 30 дена значително да ја подобри хуманитарната ситуација во Појасот Газа. Во спротивно, постои ризик дека ќе бидат прекршени американските закони за воена помош – што исто така може потенцијално да ја загрози американската воена помош за Израел.
Како што, меѓу другото, објавија Си-Ен-Ен и Вашингтон пост, повикувајќи се на американски и израелски официјални лица, писмото испратено во неделата го напишале заеднички американскиот државен секретар Ентони Блинкен и министерот за одбрана Лојд Остин. Тоа е упатено до израелскиот министер за одбрана Јоав Галант и министерот за стратешки прашања Рон Дермер.
Во писмото, Блинкен и Остин ја изразија својата „длабока загриженост“ за ситуацијата во Газа. Тие повикуваат на „итна и одржлива акција“ од израелската влада за подобрување на ситуацијата. Цивилното население мора да има пристап до храна и други основни добра, продолжува извештајот. Израелската влада е одговорна за влошените услови во Газа. Според писмото, обемот на испораките на помош е намален за повеќе од 50 отсто од пролетта, со најниско ниво во септември од почетокот на годината.
Стејт департментот на САД оттогаш потврди дека Блинкен и Остин му пишале на Израел. „Императив е израелската влада да преземе дополнителни мерки“, рече портпаролот.
САД испорачува делови за ракетниот одбранбен систем
Во исто време, САД ја зголемуваат својата воена поддршка. Министерството за одбрана објави дека првите компоненти на системот за противракетна одбрана THAAD и американскиот воен персонал пристигнале во Израел. Системот е наменет за зајакнување на одбранбениот капацитет на земјата.
Оваа двострана стратегија го илустрира балансирачкиот чин на американската администрација: од една страна, Вашингтон постојано ја нагласува својата посветеност на безбедносната политика и правото на Израел на самоодбрана. Од друга страна, американската влада е под внатрешен политички притисок. Противниците на војната остро ги критикуваат воените дејствија на Израел во Појасот Газа и бараат да се запре испораката на американско оружје во земјата.
Таканаречениот закон „Лихи“ игра централна улога во ова. Тој им забранува на Соединетите Држави да обезбедуваат воена помош на земјите чии вооружени сили се вклучени во сериозни прекршувања на човековите права. Критичарите укажуваат на сомневањата дали Израел ќе го исполни ова барање. Според организациите за човекови права, основните стандарди за човекови права се прекршуваат со блокадата на испораката на помош, воздушните напади врз станбените области и недостатокот на заштита на цивилите во Појасот Газа.
Израел ги отфрла овие обвинувања и инсистира неговите операции да бидат во согласност со меѓународното право. Дебатата за ставот на САД кон Израел добива на значење и во пресрет на претседателските избори на 5 ноември. Крајниот рок што Блинкен и Остин го поставија во нивното писмо е по денот на изборите.