Како што најави американскиот претседател Доналд Трамп, САД повторно извршија напади врз цели во Иран. Експлозии беа пријавени од крајбрежните региони на земјата, по што Техеран започна напади врз американски воени бази во регионот.
Американската војска соопшти дека започнала нов бран напади врз Иран. Според Централната команда на САД, целта на операцијата била да се ограничи способноста на Техеран да го попречува поморскиот сообраќај во Ормускиот Теснец. Во нападите, според американските власти, биле погодени 90 воени цели.
Иранските државни медиуми јавија за експлозии во пристанишниот град Бандар Абас, кој се наоѓа покрај Ормускиот Теснец, како и во јужните крајбрежни градови Чабахар, Конарак и Сирик.
Експлозии биле регистрирани и во пристанишниот град Бушер, каде што се наоѓа истоимената нуклеарна централа. Според извештаите, еден пожарникар загинал во напад врз аеродром. Ден претходно, иранската државна телевизија соопшти дека во Бандар Абас и Бушер биле убиени осум припадници на воздухопловните и поморските сили на иранската армија.
Иран возврати со напади врз американски бази
Иран претходно се закани со одмазда. Веќе по вчерашниот бран напади, иранските вооружени сили започнаа ограничен контранапад врз американски цели во Кувајт и Бахреин, држави од Персискиот Залив кои се сојузници на Вашингтон.
Кувајт, Бахреин и Катар во раните утрински часови во четврток активираа сирени за тревога поради заканата од ирански напади. Првично немаше извештаи за причинета материјална штета во трите арапски држави.
Кувајтската армија соопшти дека активно пресретнува беспилотни летала и ракети кои се движат кон нејзина територија.
Подоцна, Иранската револуционерна гарда соопшти дека извршила напади врз по две американски воени бази во Бахреин и Кувајт. Според соопштението, доколку американските напади продолжат, ќе бидат цел на напади и други американски бази во регионот.
Американскиот претседател Доналд Трамп, на самитот на НАТО во Турција, практично го прогласи за неуспешен рамковниот договор со Иран за прекин на војната.
Тој се закани и со можни напади врз цивилна инфраструктура, како и со преземање контрола врз островот Харг, кој е од клучно значење за иранската нафтена индустрија. Преку овој остров се реализираат околу 90 проценти од извозот на иранска сурова нафта.
Трамп изјави дека, доколку САД бидат принудени на тоа, ќе ги уништат иранските електрани и постројките за десалинизација на морска вода.
DW




