Самит ЕУ-Западен Балкан

Кога лидерите на ЕУ и на Западен Балкан ќе се сретнат денеска во Брисел на самитот ЕУ-Западен Балкан, напредокот во процесот на проширување на ЕУ ќе биде високо на агендата.

По војните кои го опустошија Балканот во 1990-тите години, Европската Унија вети во 2003 година дека ќе ги интегрира седумте земји од Западен Балкан во блокот: Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Црна Гора, С. Македонија и Србија.

Хрватска се приклучи на ЕУ десет години подоцна.

Освен Косово, кое аплицираше за членство во 2022 година, преостанатите пет земји се признати од ЕУ како официјални кандидати.

Каква е моменталната ситуација?
Повеќе од една деценија откако Хрватска се приклучи на ЕУ, проширувањето во Брисел изгледа поблиску до реалноста отколку што беше со години.

Додека Брисел сигнализира обновена посветеност на проширувањето, прашањето повеќе не е дали, туку кои земји од Западен Балкан се подготвени да продолжат напред, а кои ќе бидат оставени назад.

Црна Гора – најмалата од петте земји кандидатки во регионот – се смета за предводник во процесот на пристапување, а Албанија е веднаш зад неа.

Според комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, Црна Гора технички би можела да ги заврши преговорите за пристапување до крајот на 2026 година, а Албанија една година подоцна.

„Потоа ни требаат од една до една и пол година за процесот на ратификација. Значи, реално сум оптимистична дека дури и за време на мојот мандат, кој завршува на крајот на 2029 година, Европската Унија може да има најмалку две нови членки“, изјави Кос за ДВ.

Во Србија, најголемиот и економски најсилен кандидат во регионот, замавот на реформи очигледно ослабе. Како одговор претседателот на Србија, Александар Вучиќ, минатата недела, пред неговото патување во Брисел на состанок за напредокот на Србија кон ЕУ, предложи сите земји од Западен Балкан заедно да се приклучат кон ЕУ.

Но, дали е тоа изводливо и дали воопшто би било прифатливо за соседите на Србија и за ЕУ?

Црна Гора предводи
Процесот на проширување на ЕУ кон земјите од Западен Балкан беше бавен од неколку причини.

Од една страна, постојат нерешени билатерални прашања, недостатоци во владеењето на правото и високо ниво на корупција во регионот. Од друга страна, меѓу членките на ЕУ постои одредена доза на неподготвеност и „замор од проширување“.

По години стагнација, Црна Гора спроведе клучни реформи пред две години и постигна широк политички консензус за членство во ЕУ. И Подгорица и Брисел сега сакаат што поскоро да го завршат процесот на пристапување.

Црна Гора неодамна достигна нова пресвртница со затворање на пет поглавја од преговорите за пристапување, што е предуслов за влез во ЕУ, но преостанатите барања вклучуваат обезбедување правосудни пресуди во случаи на висока корупција и организиран криминал, именување на клучни судски функционери и пополнување на празните раководни позиции во важни институции.

Локалните критичари тврдат дека реформите се забрзани и можеби немаат доволно содржина.

„Никој сериозно не тврди дека системот може фундаментално да се промени за неколку години“, рече црногорската министерка за европски прашања, Маида Горчевиќ. „Критиката е легитимна ако ги забрзува реформите, но важно е да се нагласи дека денес напредокот се мери со јасни европски индикатори, а не со политички впечатоци, и дека напредокот на Црна Гора е објективно потврден од институциите на ЕУ“, изјави таа за ДВ.

Напредок на Албанија
Во меѓувреме, Албанија, исто така, го забрза темпото на реформите.

Додека Европската комисија укажува на напредок во судските реформи, таа предупредува и дека се потребни дополнителни напори во борбата против корупцијата и зајакнување на владеењето на правото.

Но, како што истакнува политичкиот аналитичар Флоријан Бибер, исходот е далеку од сигурен и потребни се континуирани реформи.

„Албанија спроведува многу формални реформи, но во контекст во кој имате многу силен лидер, Еди Рама, [земјата] сигурно има сериозни демократски недостатоци. Значи, постојат одредени резерви и не е јасно дали Албанија ќе успее да го затвори тој јаз и навистина да биде подготвена во исто време како и Црна Гора“, вели Бибер за ДВ…

Зошто ЕУ сака проширување?
За Европската Унија, проширувањето е и стратешко и прашање на кредибилитет.

Интеграцијата на Црна Гора би била начин со низок ризик, а со висок ефект да се покаже дека ЕУ може да ги исполни своите ветувања, зајакнувајќи ја довербата во нејзиното лидерство во неизвесни геополитички времиња, се наведува во анализата на Европскиот политички центар.

Проширувањето е поврзано и со безбедноста и геостратешките интереси на Европа.

„Ја плаќаме цената за тоа што не ги интегриравме овие земји кога првпат сакаа да се приклучат, оставајќи регион на нестабилност“, изјави за ДВ комесарката Кос.

Но, проширувањето на ЕУ се смета и за геостратешка инвестиција во безбедноста и просперитетот на Европа, вели Тинатин Ахвледијани, истражувачка во Одделот за надворешна политика на ЕУ при Центарот за студии за европска политика.

 

 

 

DW