Самит: Трамп спремен да го тестира единството на НАТО

Марк Руте на неговата последна посета во Вашингтон кон крајот на јуни дојде добро подготвен. Кога Доналд Трамп почна со поплаки за европските сојузници и нивната неподготвеност да ги поддржат САД за време на војната против Иран, генералниот секретар на НАТО не штедеше на пофалби. И покажа кон големи паноа украсени со златни наслови, едното насловено како: „Билионот на Трамп“. Пред камерите, Руте беше во полна форма. „Сакам да ви покажам што успеа да постигне овој претседател“, изјави Руте пред печатот, нагласувајќи ги дополнителните 1,2 трилијарди долари во издатоците за одбрана од страна на европските сојузници и Канада од 2017 година, кога Трамп првпат ја презеде функцијата. Само неколку дена пред почетокот на клучен самит на НАТО во Анкара што треба да почне на 7 јули, Марк Руте ја исполнуваше неговата веројатно најважна задача – да го задржи Доналд Трамп во друштвото. Самитот ќе ги собере лидерите на 32-те земји сојузнички во НАТО и тоа во момент на растечка неизвесност, во услови на зголемени тензии на Блискиот Исток и тековната војна на Русија со Украина. САД ја преиспитуваат својата воена поставеност во Европа, а многу европски влади се загрижени колку Трамп де факто ќе остане посветен на безбедносниот сојуз.

Самитот во Анкара со цел да „изнесе аргументи во полза на НАТО“
Стратегијата на Руте за одржување на Алијансата е додворување на Трамп, нагласување на придобивките од НАТО за САД и претставување на напорите на европските сојузнициза зголемување на издатоците за одбрана. Шефот на НАТО сака да избегне јавни дебати во Анкара и да го покаже сојузничкото единство.

Клаудија Мајор, експерт за трансатлантска безбедност во тинк-тенкот Германски Маршалов фонд, за ДВ вели дека загрижените лидери ќе се обидат да испратат порака дека Алијансата е сè уште силна – и ќе гледаат „да го задоволат Трамп и да заговараат аргумети во полза на НАТО“.

Така може да се сфати зошто Руте – очајно барајќи заеднички именител по секоја цена – на овогодинешниот самит го стави производството за потребите на војската во преден план. Се очекува да открие нешто што го нарекува „револуција во одбранбената индустрија“, вклучувајќи десетици милијарди долари во нови договори и набавки за Европејците кои сакаат да го зголемат производството на оружје. Целта на Руте е „да покаже дека има пазар за американската индустрија и да изнесе економски аргумент во корист на НАТО, кој пак за Трамп ќе биде атрактивен“, барем според надежите на Руте, вели Мајор.

САД ќе ги надгледуваат сојузниците во Европа
Дали таа навистина ќе функционира, останува да се види. „Ако едно нешто научивме за американскиот претседател во последните една и пол година, е дека може да биде пречка и оти е тешко да се предвиди што ќе прави“, вели Мајор. Таа непредвидливост дојде до израз и на состанокот на министрите за одбрана на НАТО во Брисел на 18 јуни, кога секретарот за одбрана на Трамп, Пит Хегсет, најави ревизија на американските трупи распоредени во Европа и на воените пунктови таму. Хегсет упати и отворено предупредување. „Нашата национална одбранбена стратегија јасно наведува дека ќе ги стимулираме и ќе им овозможиме на нашите сојузници да си го дадат својот удел“, рече тој. „Затоа, ќе ги следиме внимателно сојузниците кои не го прават тоа и кои велат не, или можеби, или ќе чекаме и ќе видиме токму кога е најважно. Ревизијата некои земји нема да ја положат, а други пак ќе ја поминат со одлични резултати“, рече тој. Суровиот тон предизвика извесна иритација кај останатите министри. Ревизијата беше очекувана – европските влади долго време очекуваа постепено намалување на улогата на САД во Европа. Нивната загриженост е само во однос на брзината со која тоа ќе се одвива.

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус предупреди да не се создадат празнини за време на транзицијата. „Се работи за план. Станува збор за синхронизиран начин да се направи повлекувањето“, рече тој по состанокот на министрите за одбрана. „Најрелевантен предизвик е да се избегнат опасни празнини во капацитетите“, заклучи тој.

 

 

 

DW