„Храбар и решителен“, пишува поранешната германска канцеларка Ангела Меркел во своите мемоари за поранешниот премиер на Македонија Зоран Заев. Михаел Мартенс, познатиот германски новинар на Франфуртер алгемајне цајтунг и добар познавач на приликите на Балканот, на социјалната мрежа Х пишува дека поранешниот премиер Зоран Заев е единствениот (жив) политичар од Западен Балкан кој Ангела Меркел го споменува во своите мемоари. Мартенс имал увид во мемоарите на Ангела Меркел кои вчера се објавени на повеќе јазици во повеќе од 30 земји.
Во балканското поглавје Меркел не ги спомнува ниту Александар Вучиќ, ниту Еди Рама, Бојко Борисов или Борис Тадиќ.
Мартенс вели дека Меркел во нејзините мемоари избрала да не пишува негативно за политичарите на кои таа не им се допаѓа или не им верува и ги игнорира таквите политичари.
– Поранешниот австриски канцелар Себастијан Курц: не се споменува. Поранешниот грчки министер за финансии, Јанис Варуфакис: исто. Во Западен Балкан, единствениот (жив) политичар кој Меркел го споменува во своите мемоари е Зоран Заев, кого таа го нарекува „храбар и решителен“. Тоа е околу тоа“, пишува во четирите свои објави Михаил Мартенс.
Мемоарите на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел“ се главен политички хит овие денови во светската јавност. Делови од нив претходно објави неделникот „Цајт“, а вчера се објавени во повеќе земји под насловот „Слобода: Мемоари 1954 – 2021“.
Досега во европските медиуми се објавуваа повеќе детали од мемоарите. Најскокотиливи беа нејзините оценки за Доналд Трамп, како и за „Брегзит“.
skopskoeho.mk