Дојче веле: Во Србија расте притисокот врз граѓанското општество и демонстрантите. Општиот впечаток на луѓето на теренот е дека ЕУ и Германија ги оставаат демонстрантите и невладините организации на цедило. Дали тој впечаток е оправдан?
Мануел Сарацин: Пред се, граѓаните на Србија сами одлучуваат за својата земја и за својата иднина. Затоа, не е наше да ги оценуваме на кој било начин протестите што се одржуваат таму. Меѓутоа, сакам да кажам едно: ако српската влада создава впечаток дека е заинтересирана за дијалог со студентите, а во исто време се вршат претреси во граѓански организации кои се наши партнери, тогаш ова покажува дека не треба да се сфати сериозно тврдењето дека владата е навистина заинтересирана за дијалог со општеството и учесниците на протестите. Сметам дека тука мора јасно да кажеме: Србија, како кандидат за членство во ЕУ, мора да ги зајакне структурите и институциите кои се залагаат за демократско одлучување и дискурс во земјата, а не дополнително да ги загрозува со притисоци.
Кои следни чекори би можеле да ги преземат Германија и ЕУ за да го разјаснат ова?
Јасно е дека процесот на пристапување воЕУ се заснова на оценување на усогласеноста со критериумите за членство, таканаречените фундаментални вредности. Покрај владеењето на правото, тука спаѓаат и прашањата за демократија и основните вредности што ги споделуваме. Според мене, сосема е јасно дека овие прашања се меѓусебно поврзани.
Деновиве Босна и Херцеговина повторно е во фокусот на медиумите во Германија. Станува збор за пресудата на Судот на БиХ против претседателот на Република Српска, Милорад Додик, но и за правната постапка против невладините организации во РС. Какви последици имаат овие настани врз политичката стабилност на Босна и Херцеговина?
Верувам дека е јасно дека, доколку новиот закон за невладини организации во Република Српска навистина стапи на сила, тој де факто ќе стане најголемата пречка за натамошниот напредок на Босна и Херцеговина кон Европската унија (ЕУ). Со закони по моделот на Русија, земјата тешко може да го продолжи својот пат кон Европската Унија. Затоа, сите во Република Српска треба да бидат свесни кој е одговорен за овие проблеми.
Исто така, законите кои имаат за цел да ја ослабат државата Босна и Херцеговина и се дел од сецесионистичката агенда на Милорад Додик секако нема да придонесат за европскиот пат на земјата.
Во однос на судскиот процес против Милорад Додик, важно е институциите на Босна и Херцеговина, поточно судовите, да донесат независни пресуди. Мора да почекаме да видиме како ќе се одвиваат правните постапки за оваа пресуда. Но, очекуваме да се почитуваат државните институции и да се признаат нивните одлуки.
Законите, кои сега се усвоени од Народното собрание на Република Српска, сè уште не стапиле на сила. Но, мислам дека овие одлуки треба да се сфатат многу сериозно. Доколку се спроведат, ќе имаат далекусежни последици, кои внимателно ќе ги анализираме. Сите во Република Српска треба да бидат свесни за ова.
Што се однесува до Косово и Србија, речиси веќе не се зборува за дијалог меѓу двете земји. Се чини дека оваа тема целосно падна во втор план поради бројни други предизвици во регионот. Зошто има толку мал напредок, иако приближувањето меѓу Белград и Приштина е клучно за мирот и стабилноста на Западен Балкан?
Со Питер Соренсен, новиот специјален пратеник на ЕУ за дијалогот меѓу Косово и Србија, имаме нова личност која ќе продолжи да го води овој процес во име на ЕУ. Првите разговори што ги имавме оставија многу добар впечаток за него како личност. Тој секако ќе стави нов акцент на дијалогот, а во исто време ќе се обиде преку темелна работа да постигне напредок во зближувањето на двете земји.
Претходно, Германија, но и јас лично имавме задача да ја поддржиме работата на европските институции и главниот преговарач на ЕУ. Блиску ќе соработуваме во наредните недели и месеци. Тоа секако ќе важи и за новата германска влада. Затоа што Германија го поддржува европскиот пристап кон дијалогот и луѓето кои го водат.
Се надевам дека сега повторно ќе започне суштинската работа на решенија. Време е да се работи напорно за да се најдат конкретни решенија. Верувам дека г-дин Соренсен е вистинската личност за оваа задача.
DW