Светска банка предлага да се зголеми ДДВ од 18 на 19%

Светска банка предлага зголемување на ДДВ од 18 на 19 проценти и елиминирање на преференцијални стапки за оние производи и услуги кои не се неопходни, како една од мерките за зголемување на даночните приходи за да се обезбеди консолидација и фискален простор. Според експертите на Светска банка, Северна Македонија може да се справи со растечкиот долг и да обезбеди макроекономска стабилност со подобрување на фискалната состојба преку зајакнување на буџетската дисциплина, подобрување на ефикасноста на јавните расходи и подобрување на наплатата на даноците.

Во најновиот извештај „Преглед на јавните финансии на Северна Македонија: Обезбедување стабилност и поттикнување на отпорноста“, се наведува дека најновата стратегија со која фискалната нерамнотежа требаше да се намали со економскиот раст, не донесе задоволителни резултати.

„Во последната деценија, земјата се соочува со повисоки фискални дефицити од споредбените земји од Западен Балкан, со ниво на долгот што надминува 62 проценти од нејзиниот бруто домашен производ (БДП). Оттаму, потребни се поголеми напори за да се осигури дека Северна Македонија ќе остане на патот кон приближувањето до Европската Унија (ЕУ)“, порачаа од Светска банка.

Предлог за зголемување на ДДВ неодамна дојде и од страна на бизнис секторот, но директорката на УЈП, Елена Петрова вели дека во моментот не се размислува за тоа.

Постепено да се зголеми возраста за пензионирање
Светската банка предлага и постепено зголемување и изедначување на возраста за пензионирање на мажите и жените во Северна Македонија и постепено зголемување на стапката на придонесот. По полемиките коишто се отворија во јавноста дали треба да се зголеми старосната граница за пензионирање на мажите и жените на 67 години, со цел да се закрпи финансиската дупка во ПИОМ и да се спаси буџетот, Светската банка укажува дека земјата и понатаму има пензиски дефицит и без реформа тој уште повеќе би се зголемил.

„За справување со овие предизвици се предлагаат повеќе политики за намалување на пензискиот дефицит во услови на општество што се повеќе старее. Тие опфаќаат укинување на неодамна воведениот модел на индексирање според цените и платите (тн Швајцарски модел) и враќање на претходното индексирање согласно индексот на цени на мало, постепено зголемување и изедначување на возраста на пензионирање на мажите и жените и постепено зголемување на стапката на придонесот“, се наведува во извештајот.

Светска банка предлага комбиниран пакет што ќе ги интегрира сите три политики, а кој би можел да донесе поизбалансирани исходи и да го спречи понатамошното зголемување на пензиските расходи и дефицити.

 

 

DW