Два дена по судирот на два воза во Грција, во кој загинаа најмалку 57 лица, на виделина се покажаа големите недостатоци и застареноста на мрежата а синдикатите и пред несреќата испраќаа повеќе предупредувања.
Претставниците на синдикатот пред три недели предупредуваа на тешката состојба во железничкиот сообраќај.
„Кога ќе се случи несреќа, одговорните ќе лијат крокодилски солзи“ предупредуваа, критикувајќи го „големиот недостаток на персонал“.
Во исто време, тие предупредија за „недостатокот на мерки за заштита на работното место во врска со безбедноста на работата и сообраќајот на возовите“.
По несреќата, експертите го критикуваа „недостаток на електронски системи“ и недостаток на персонал, додека шефот на станицата, осомничениот во несреќата, во судот призна дека погрешил, пренесуваат регионалните медиуми.
Медиумите, вклучително и јавната телевизија, ЕРТ, го потенцираа неговиот недостаток на искуство затоа што, според нивните информации, тој бил назначен пред само 40 дена, а претходно работел во Министерството за образование. Пред влегувањето на нова работа, тој според написите, завршил тримесечен курс.
Самата влада призна дека железничкиот сектор е „хронично болен“, пишува во извештаите.
Владата го призна „одложувањето“ во модернизацијата на железницата во Грција, каде граѓаните претпочитаат да патуваат со автобус, автомобил и брод.
„Та Неа“ пишува дека Европската комисија ја пријавила Грција до Европскиот суд на правдата, како резултат на непочитување на обврските што произлегуваат од Директивата за железничка инфраструктура.