Воздушниот сообраќај во македонското небо се соочува со сериозни предизвици поради ограничувања во радарското покривање на Скопје TMA (Terminal Maneuvering Area). Според информациите, хоризонталната радарска сепарација во областа изнесува 10 наутички милји, што е двојно повеќе од вообичаеното во европските терминални зони.
Дополнителен проблем претставува фактот дека средниот надзорен радар на Бањски Рид е нефункционален, што значително го намалува капацитетот за следење на авионите и ја зголемува потребата од резервни процедури.
Најголемото ограничување, сепак, е тоа што под 9.500 стапки (под 2.900 метри) нема радарско покривање во Skopje TMA. Во вакви услови контролорите на летање мора да применуваат процедурска наместо радарска контрола, што значи поголеми временски и просторни растојанија помеѓу авиони. Ова неизбежно ќе доведе до задржувања и доцнења на пристигнувањата и заминувањата на скопскиот аеродром.
Воздухопловните експерти предупредуваат дека ваквите ограничувања не само што го намалуваат капацитетот на воздушниот сообраќај, туку и ја зголемуваат комплексноста на работата на контролорите.
skopjeinfo.mk




