Силно невреме во Скопје, поплавени улици, како и дел од Клиниката за онкологија

Силното невреме што го зафати Скопје предизвика проблеми и на Клиниката за онкологија, јавуваат денеска дел од медиумите.

Според информациите, бил поплавен долниот кат на објектот каде што се изведуваат третманите со радиотерапија.

Според информации од терен и реакции од граѓани, поплавени се повеќе улици, крстосници и подвозници, а сообраќајот на дел од локациите се одвива отежнато или е целосно блокиран.

Голема поплава е пријавена кај Бит-пазар кон „Континентал“, каде кружниот тек е поплавен и, според граѓани, не е прооден. Поплави има и кај подвозникот во Бутел, на новиот пат, на Пластичарска улица, како и на улица „Железничка“.

Проблеми има и на булевар „Србија“, каде пред Крстот сообраќајот е затворен од полиција. Според информациите од терен, не е дозволено движење право, а возилата можат да се движат само лево кон Лисиче или десно кон Аеродром.

Невремето предизвикало и материјални штети во повеќе населби. Пријавени се падната фасада и паднати дрвја во Центар, Дебар Маало, Ченто, Капиштец, Лептокарија и Карпош 4. Според првичните информации, оштетени се голем број паркирани возила.

skopjeinfo.mk