По падот на режимот на Башар ал Асад во Сирија, жените продолжуваат да се борат за своите права и да бидат активни учеснички во формирањето на новата власт, пишува Анадолу.
Сириското женско политичко движење (SWPM) неодамна организираше прес-конференција во главниот град Дамаск за да ги претстави своите барања за нова влада, која ќе се темели на принципите на слобода и еднаквост.
Џумана Сеиф, коосновачка на SWPM и правна советничка за Програмата за меѓународни злосторства и одговорност при Европскиот центар за уставни и човекови права (ECCHR), за Анадолу изјави дека прес-конференцијата била организирана за да се претстават постигнувањата на движењето во текот на седумте години од неговото основање и за да се истакне улогата на жените во формирањето на новата власт.
Сеиф нагласи дека жените се важни чинители во сириската револуција, потсетувајќи дека мнозинството учесници на првиот протест против режимот на Асад пред Министерството за внатрешни работи на 16 март 2011 година биле жени.
Таа истакна дека протестот бил организиран од жени и дека сириските жени мора да имаат глас во креирањето на иднината на земјата, додавајќи дека е неопходно меѓусебно разбирање за да се постигне заедничка цел.
„Демократијата е единствениот пат кон светла иднина за Сирија“, изјави Сеиф, нагласувајќи ја важноста на „одржливиот мир и транзициската правда“ во процесот на транзиција кон нова влада.
Дуа Мухамед, членка на Сириското женско политичко движење и учесничка на прес-конференцијата, изјави дека е „невозможно“ да се формира нова влада во Сирија без жените и ја нагласи важноста на нивната улога во политичките промени.
„Жените се суштински дел од политичката трансформација во Сирија“, рече Мухамед, додавајќи дека тие мора да имаат право на глас во секоја фаза од формирањето на новата власт и да бидат активни учеснички во процесите на одлучување.