Набрзо по објавувањето на новите прописи во здравството, владата на Словачка се соочи со бран на лутина и цинизам од лекарите на интернет. „Лекарите бараат од владата уредно финансирање на болниците – а тие одговараат со принудна работа“, стои во една од пораките испратени до премиерот. „Имам уште десет смени од по 24 часа. Затворот не би бил казна, туку добредојдена пауза“, додава еден колега.
Одлуката за отказ од работното место ќе ја повлече само доколку владата ги исполни барањата, меѓу кои се подобра опрема на болниците, вработување дополнителен кадар за подобрување на условите за работа, но и запирање на приватизацијата на државните клиники.
Обвинувања: Корупција и непотизам
Засега не е постигнат договор со новиот министер за здравство, Ќамил Сашко. „Се чини дека нешто ќе се придвижи во словачкиот здравствен систем само кога ние всушност ќе дадеме откази“, изјави Петер Висолајски, претседател на синдикатот на лекарите ЛОЗ, за новинарите во Братислава. Како педијатар, тешко му е да ги напушти своите мали пациенти, рече тој. Но, незадоволството поради катастрофалната состојба во здравствениот систем на Словачка, тоа е преголемо за него и за неговите колеги.
Според Висолајски, во овој бран лекарски откази не станува само збор за плати, туку и за корупција и за непотизам, кои го уриваат системот. „Владата е вознемирена што платите треба да се зголемат за 8 или 9,5 отсто. Но, не ги вознемирува тоа што профитот на претприемачите во здравствениот систем секоја година расте за 20 насто. За жал, овие компании во Словачка се поврзани со политиката“, вели Висолајски.
Се заканува вонредна состојба во болниците на крајот на годината
Доколку лекарите се држат до своите откази, тоа може да доведе до сериозни проблеми во болниците низ Словачка, особено во градските региони, на почетокот на новата година. Поради ова, владата синоќа итно донесе закон, со кој може да ги принуди лекарите да работат во случај на вонредна состојба – под закана за затворска казна до една година.
Министерот за здравство Сашко истакна дека евентуалната вонредна состојба ќе важи само за одредени административни области. Истовремено, тој изрази оптимизам за постигнување договор со синдикатот на лекарите. „Ние веќе ги исполнивме клучните барања“, рече Сашко, Сепак, се смета дека можноста за принуден ангажман на лекари е неопходна, за да се обезбеди медицинска нега во секој случај.
DW