Советот на ЕУ го одобри буџетот на Унијата за 2026 година

Советот на ЕУ денеска (24 ноември) формално го усвои Предлог-буџетот на Европската Унија за 2026 година, којшто беше усогласен со Европскиот парламент на 15 ноември, јави МИА.

Во Буџетот вкупно 192,8 милијарди евра се предвидени за „обврски“, а 190,1 милијарди евра во „исплати“. „Обврските“ се трошоци за активности што се спроведуваат во текот на неколку финансиски години, а „исплатите“ опфаќаат расходи за проекти само за тековната година.

По усвојувањето на Буџетот, данскиот министер за финансии Николај Вамен, чија земја е актуелен претседавач со Советот на ЕУ, изјави дека со ова е направен последниот чекор во обезбедувањето средства што ќе и овозможат на Унијата да продолжи да ги исполнува заедничките приоритети во текот на следната година.

„Со оглед на приоритетите, како што се одбраната, миграцијата, конкурентноста и подготвеноста, овој Буџет ни овозможува решително да одговориме на потребите на европските граѓани. Во исто време, вградивме флексибилност за да можеме да се справиме со кризите што се во тек“, рече Вамен.

 

 

 

slobodnaevropa.mk