Со купување недвижен имот во Грција, Турците истовремено добиваат „златна виза“ за ЕУ

Односот на Грција со нејзините турски соседи долго време е комплициран, а понекогаш и амбивалентен. Како по правило, Турција се перцепира како неразумен и агресивен сосед – од кој Грција мора да се брани. И затоа Атина троши повеќе од три проценти од својот БДП за вооружување.

Во исто време, Турците како туристи и инвеститори се (претежно) добредојдени во речиси цела Грција. Особено кога ги трошат своите пари на островите во источниот дел на Егејското Море, во теснецот меѓу Грција и Турција. Ова подрачје не е многу посетено од туристи од земјата и од странство.

Во 2024 година, бројот на патници коишто со траект дошле од Турција во Грција, значително се зголеми, на околу еден и пол милион луѓе. Во 2023 година, имало само околу 800 илјади од нив.

Приливот на гости на малиот грчки остров Лерос пред турскиот брег наликува на вистинска мала инвазија од Турција. До пред 20 години, Лерос имаше лоша репутација, како остров со една од најлошите психијатриски клиники во Европа. А, денес е туристички рај за посетителите од Турција. Патувањето со траект од Тургутреис во Турција, во близина на Бодрум, до островчето трае само околу еден час. Од Пиреја трае речиси десет часа. И така, во текот на летните денови, стотици Турци го посетуваат Лерос, а некои во меѓувреме купиле и куќа за одмор на островот. Мештаните со нетрпение очекуваат претежно финансиски побогати посетители од другата страна на Егејското Море, гости кои знаат да ценат добра храна и пијалоци.

Слична е ситуацијата и на Лезбос, Хиос и Самос. Откако стапи во сила поедноставената програма за туристички визи за десет острови (која беше договорена по средбата Мицотакис-Ердоган во Атина на крајот од 2023 година), имаше вистински прилив на турски гости. И тоа не само во текот на летото. Илјадници Турци го избраа Лезбос како место за прослава на Рамазан Бајрам.

Зголемување на турските инвестиции
Не само што се зголемува обемот на турскиот туризам во Грција, туку се зголемија и турските инвестиции. Со околу 548 милиони американски долари во 2024 година, тие, секако, сè уште се на ниско ниво (особено кога ги споредуваме со околу 6,8 милијарди евра германски инвестиции во Грција), но според Турската централна банка, тие се зголемиле десеткратно од 2022 година.

Турците главно инвестираат во недвижности, бидејќи тоа им отвора можност за добивање на таканаречената „златна виза“ со која потоа имаат право да го регистрираат својот престој во Грција за период од пет години, односно можат слободно да се движат во Шенген зоната. По Кинезите, Турците се втората најголема група заинтересирана за оваа инвестициска програма. Минатата година, во Грција беа регистрирани вкупно 9.289 барања за дозвола за престој според правилото „златна виза“. Од нив, турските државјани поднеле 1.356 барања.

Слобода на движење за богатите
Оваа програма им помогна на многу богати граѓани од земји надвор од ЕУ да стекнат право на престој во Грцијаи други земји од ЕУ. Во исто време, таа програма имаше ефект врз порастот на цените на недвижностите, особено во Атина и Солун, така што во меѓувреме на Грците што заработуваат просечни плати, им стана тешко да најдат станови по прифатливи цени. Ова се случи и во Шпанија, поради што новата влада во Мадрид одлучи да се откаже од програмата „златна виза“.

Владата во Атина сè уште не се откажува од таа програма, но сè уште полека го зголемува износот на минималната инвестиција потребна за воопшто да се добие право на „златна виза“.

На почетокот, странските инвеститори мораа да купат недвижен имот во вредност од најмалку 250.000 евра, за да добијат право на петгодишна дозвола за престој во Грција. Потоа, на почетокот на 2023 година, долната граница се зголеми на 400 илјади, но само за подрачјето на Атина, Солун, Миконос и Санторини. За другите локации, ограничувањето од четвртина милион евра сè уште важеше. Од 1 септември 2024 година, новата граница е 800.000 евра за регионите Атика, Солун, Миконос, Санторини, односно за островите со повеќе од 3.100 жители. За остатокот од земјата, минималната потребна инвестиција сега е 400 илјади евра.

И покрај ова зголемување, побарувачката за визи е сè уште голема, особено од граѓаните на Кина, САД, Русија, Израел и Турција. Сè уште има доволно голем број турски граѓани кои можат да си дозволат недвижен имот во Грција, а тоа во последно време предизвика загриженост кај грчките конзервативни граѓани и политичари. Особено кога станува збор за купување недвижен имот во Тракија, односно на островите во Источен Егеј.

 

 

DW