Европската комисија го стави ТикТок под лупа. По првичната истрага, институцијата од Брисел дојде до заклучок дека платформата за објавување кратки видеа ги доведува во ризик децата и младите поради недоволни стандарди за заштита.
Комисијата, меѓу другото, критикува дека јавните кориснички профили на малолетниците можат да бидат видливи за непознати лица и дека младите корисници може да бидат контактирани и од лица со злоупотребувачки намери. Дополнително, содржините што ги објавуваат малолетниците можат трајно да останат на интернет и да ги следат и во нивниот возрасен живот, што носи ризик од „потенцијално доживотни последици“.
Според барањата на Комисијата, ТикТок, кој е во сопственост на кинеската компанија БајтДенс (ByteDance), треба да ги промени своите поставки. Содржините објавени од деца и млади, по правило, би требало да бидат видливи само за корисници кои се прифатени како следбеници од страна на малолетните лица. Брисел исто така бара платформата да престане автоматски да ги препорачува содржините на младите корисници на други корисници на ТикТок, како што моментално се случува со објавите на лица на возраст од 16 и 17 години.
Можна казна до шест проценти од годишниот промет
Доколку првичните резултати од истрагата се потврдат, а ТикТок и понатаму не преземе промени, компанијата може да се соочи со парична казна. Во тој случај, Европската комисија формално би утврдила прекршување и би можела да изрече казна до шест проценти од годишниот промет на компанијата. Можно е да бидат воведени и дневни казни со цел да се изврши притисок врз платформата да ги исполни барањата.
ТикТок сега има можност да се брани од обвинувањата или преку соодветни измени да ги отстрани загриженостите на европските власти. Портпаролка на компанијата ги бранеше постојните поставки, истакнувајќи дека сметките на младите корисници уште при нивното отворање содржат повеќе од 50 однапред поставени функции за заштита на приватноста и безбедноста, развиени во соработка со експерти. Таа додаде дека ТикТок е меѓу ретките платформи на кои помладите тинејџери не можат да користат директни пораки.
DW




