Турската испорака на камикази беспилотни летала на Косово „го засени“ „златното доба“ во односите меѓу Србија и Турција.
Белград – кој не ја признава независноста на Косово – дури и ја обвини Турција, една од најмоќните членки на НАТО, дека „повторно сонува за обнова на Отоманската империја“.
Српскиот претседател Александар Вучиќ направи паралела со поранешната Отоманска империја, која се простирала на три континенти и опфаќала значајни делови од Балканот.
„Тоа е лош гест“, смета Ведран Џихиќ од Факултетот за политички науки на Универзитетот во Виена, оценувајќи дека ќе има среднорочни и долгорочни последици за „односите меѓу Србија на Вучиќ и Турција на Ердоган“.
„Повлекувањето на толку тежок, силен и емотивен аргумент од минатото на Србија за да се коментира одлука на турската влада е навистина непристоен напад врз Турција“, изјави Џихиќ за Радио Слободна Европа (РСЕ).
На 8 октомври, Приштина објави дека примила „илјадници“ камикази дронови „Скајдагер“ од Турција, што предизвика загриженост во официјален Белград.
Амбасадата на Турција во Белград не одговори на прашањето на РСЕ во врска со оценката на претседателот на Србија.
Турција од партнер до „експанзионист“
Српскиот претседател Александар Вучиќ со години работи на зајакнување на соработката со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Токму Ердоган пред една година во Белград изјави дека односите меѓу Турција и Србија се такви што може да каже дека е „златно доба“ меѓу двете земји.
Односите на Анкара со Косово, чија државност беше признаена од Турција како една од првите земји, беа пречка за Белград и претходно.
Така беше и во 2013 година кога Ердоган, тогаш како премиер, изјави дека „Косово е Турција и дека Турција е Косово“.
slobodnaevropa.mk




