Средба на државниот секретар Петрушевски со делегација од Одделот за меѓународна соработка во швајцарскиот Државен секретаријат за миграција

Денеска (21.01.2025) државниот секретар Сашо Петрушевски оствари средба со делегација од Швајцарска Конфедерација, предводена од Кристина Пробст-Лопез, раководител на Одделот за меѓународна соработка во швајцарскиот Државен секретаријат за миграција.
Државниот секретар Петрушевски, на самиот почеток од средбата ја потенцираше важноста на соработката меѓу Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Министерството за правда и полиција на Швајцарската Конфедерација која се одвива во рамките на традиционално добрите односи, потврдена со потпишани пет меѓународни договори.
Со оглед на целта на посетата на швајцарската делегација, државниот секретар особено се осврна на последно потпишаниот Меморандум за разбирање помеѓу двете држави за воспоставување на партнерство за миграција, кој претставува одлична основа за продлабочување и проширување на дијалогот и соработката во областа на миграцијата, заснована врз начелото на реципроцитет за идентификување на можностите за пронаоѓање на конструктивни решенија за предизвиците на глобалната миграција. Во продолжение на средбата, беше потенцирано дека токму оваа втора средба на двете делегации ќе ги идентификува потребите за области на соработка и ќе поентира со конкретни предлози и потреби за управување со миграциите.