Столтенберг: „Повеќе жртви, поголемо страдање и деструкција ќе дојдат во Украина“

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска изјави дека очекува да дојдат полоши денови во руско-украинската војна, јавува Агенција Анадолија (АА).

На прес-конференцијата по вонредниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО, Столтенберг предупреди дека допрва ќе дојде до „повеќе жртви, поголемо страдање и поголема деструкција“ во руско-украинската војна.

Тој ги повтори повиците на НАТО кон Русија „веднаш да ја запре војната, да ги повлече сите свои сили од Украина без предуслови и да се вклучи во искрена дипломатија“.

Столтенберг истакна дека „односот на НАТО и Русија темелно се промени на долг рок“ откако земјата ја започна „најлошата воена агресија во Европа по децении“, и се обидува да постави нови норми во светскиот поредок.

Тој истакна дека неодамнешните случувања водат до изборот „дали преовладува демократија или автократија и на крајот во каков свет сакаме да живееме“.

Војната на Русија врз Украина, која започна на 24 февруари, наиде на остра меѓународна осуда, а Европската Унија, Соединетите Американски Држави и Велика Британија воведоа строги финансиски санкции за Москва.

Според податоците на Обединетите нации, од почетокот на војната во Украина животот го загубиле 249 цивили, а 553 се повредени. Меѓутоа, украинските власти велат дека бројот на загинати изнесува над 2.000.

извор: Агенција Анадолија (АА).