За вкупно 244 милиони евра е оштетен буџетот изминатава деценија, покажува анализата Радио Слободна Европа на 30 високо профилни судски случаи. Овинителите побарале од судот да им се конфискува имот на десетина обвинети во вредност од околу 62 милиони евра, а Судот одобрил конфискација во 5 предмети вредна 49 милиони евра. Становите на Груевски уште чекаат одлука од Влада
Речиси 62 милиони евра би можела да „тежи на хартија“ Агенцијата за конфискуван имот, доколку судот ги прифател барањата на обвинителите за заплена на имотот стекнат со криминал, покажува анализата на Радио Слободна Европа на 30 високо профилни судски случаи во последните 10 години.
Според анализираните предмети, Судот во пет од 30 судски случаи пресудил од бараните 62 милиони да се конфискува имот во вредност од 49 милиони евра. Доколку до сега се наплателе овие пари, државата би можела со нив, на пример да плати камата за првите три години од унгарскиот кредит, или да изгради најмалку 30 нови училишта.
Станува збор за пресуди со конфискација кои и по неколку години од правосилност се уште не се во целост реализирани и наплатени. Тоа се пресудите во предметите „Империја“ во која осудени беа поранешниот шеф на Управата за контраразузнавање Сашо Мијалков и бизнисменот кој е на американската црна листа Јордан Камчев, поранешниот премиер Никола Груевски за „Плацевите на Водно“, бизнисменот Сеад Кочан во предметот „Труст“ , поранешните разузнавачи кои се бегство Никола Бошкоски, Тони Јакомоски и Горан Грујевски и соптвеничката на фирма Вера Иванова во предметот „Диамед“.
Но, во реалноста, банкарската сметка на Агенцијата е далеку „потенка“.
Вкупно 11,3 милиони евра уплатија на буџетска сметка Мијалков и Камчев во 2022 година. Потоа требаше да се продадат недвижниот имот и банкарските акции кои беа дел од конфискацијата. Но, две години подоцна голем дел од нив се уште не се продадени. Дел од нив чекаат одлука на Влада за спроведување на аукција.
На Мијалков му беше конфискуван имот во вредност од 15 милиони евра, но иако државата се надеваше дека со продажба на имотот ќе наплати 21 милион евра, тоа не се случи и вкупната наплатена сума е далеку под очекуваното.
slobodnaeevropa.mk