Странските директни инвестиции надминаа една милијарда евра

Странските инвестиции во Северна Македонија лани надминале над една милијарда евра. Ова го покажаа најновите анализи на Народната банка, кои според Владата се индикатор дека земјата го достигнала историски највисокото ниво на странски директни инвестиции.

Во 2024 година, вкупните директни инвестиции во земјата изнесуваат 1 милијарда и 255 милиони евра. „Растот во последниот четврти квартал на минатата година е цели 400 милиони евра што за Македонија и регионот е најдобар економски резултат“, порача на социјалните мрежи премиерот Христијан Мицкоски, којшто е во посета на Турција.

„На овој успех се радувам особено затоа што сите знаеме каков економски пустош и запоставеност во секоја област затекнавме. Ќе продолжиме макотрпно да работиме за секој еден граѓанин, и да ја развиваме економијата обезбедувајќи заедничка иднина“, вели Мицкоски.

И министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска на прес-конференција оцени дека во 2024 година е реализиран убедливо највисок износ на странски директни инвестиции во историјата на Македонија. „Првпат во историјата надминаа една милијарда евра. Доколку направиме споредба со претходната година, бележат зголемување за повеќе од двојно“, изјави министерката.

Според неа, во однос на проектираниот БДП за 2024 година реализираните странски инвестиции изнесуваат 8,1%, што е највисок износ уште од 2007 година. Највисокиот износ на странски директни инвестиции во 2024 година е забележан во четвртиот квартал, кога изнесуваат скоро 400 милони евра, односно за 73,3% повеќе во споредба со износот од претходната година.

Кој инвестирал најмногу?
Најголем износ на странски инвестиции од 256 милиони евра, додаде, се реализирани од Обединетото Кралство, при што речиси сите се во форма на должнички инструменти дадени од британските директни инвеститори во домашните претпријатија во кои инвестирале. Друга земја со забележително учество е Германија, која и покрај состојбата во нејзината економија и понатаму има висок интерес за инвестиции во Македонија, вели министерката. Потоа следуваат Турција, Холандија, Австрија, Грција…

Најголем дел од странските инвестиции се во производството – 408 милиони евра. Значително ниво на инвестиции било реализирано и во градежништвото, услугите и кај електричната енергија. Владата очекува овој тренд да продолжи и во 2025 година.

„Китење со туѓи перја“
Од СДСМ реагираат на најновите податоци за странските директни инвестиции лани, обвинувајќи го премиерот Христијан Мицкоски дека „се кити со туѓи перја“ и дека не престанал да фрла лопати на проекти и инвестиции реализирани од СДСМ.

„Инвестициите во 2024 се резултат на работата на СДСМ и 90% од нив се целосно реализирани или договорени до фаза на реализација од СДСМ. Срамота е да се фали Мицкоски со нешто што не е негова заслуга, но тоа е одлика на оние кои освен манипулации немаат што да понудат“, велат од опозициската партија.

 

 

DW