Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани ќе почне на 19 ноември

Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани ќе почне на 19 ноември годинава во судницата во КПУ Идризово, соопшти Основниот кривичен суд – Скопје.

Веднаш оваа вест, родителите на загинатите во пожарот во Кочани објавија дека ќе ги стават во мирување секојдневните едночасовни блокади на една од сообраќајниците во градот, но и понатаму ќе продолжат со „Маршот за ангелите“ што се одржува секоја сабота.

Родителите и семејствата на загинатите во пожарот наведуваат дека со големо внимание ќе го следат судењето кое очекуваат да биде фер, транспарентно и непристрасно и во кое, како што додаваат, треба да биде судење за човечноста, совеста и одговорноста.

„Ние, родителите и семејствата на починатите деца, соопштуваме дека со големо внимание ќе го следиме судскиот процес, со единствена цел – да се открие вистината и да се обезбеди правдата за младите животи што беа изгубени во трагедијата што засекогаш го промени нашето општество“, се вели во соопштението од родителите.

Предметот првично беше поднесен од Основното јавно обвинителство Кочани, а потоа со решение на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, префрлен во надлежност на Скопското обвинителство.

 

 

 

slobodnaevropa.mk