Според информации на Телма, на 23 ти Јануари станала правосилна одлуката за одмрзнување на парите за купување на казиното во хотел Мериот кои австриска фирма Новоматик ги има платено кон Дивелоп груп. Купопродажбата е заверена и во катастарот каде Новоматик односно нивната македонска фирма Макотен веќе се впишани како сопственици на казиното Фламинго во хотел Мериот.
12 милиони евра биле уплатени на фирмата Дивелоп груп која е номинален сопственик на хотелот Мериот уште во декември, а по отворена истрага на финансиско разузнавање и на обвинителството парите биле замрзнати. По проверката на легалноста на уплатените пари, обвинителството се откажало и дозволило одмрзнување на парите, дознава Телма.
Имотот на Дивелоп груп беше замрзнат во рамките на истрагите против Мијалков. По потпишаната спогодба со обвинителството за предметот Империја, обвинителството соопшти дека поради неможност да се наплати преку уделот на Мијалков, го одмрзнува располагањето со имотот на Дивелоп груп. Во моментот на купопродажбата на казиното не постоела правна мерка со која се ограничува располагање со Дивелоп или со хотел Мериот, и со имотот можело слободно да се располага и да се продава.
Токму затоа, на 7-ми декември фирмата Макотен ги уплаќа парите за зделката преку сметка во една банка, по што на 14-ти декември парите се префрлаат на сметката на Дивелоп во Комерцијална банка. Макотен го купува казиното Фламинго во Мериот кое дотогаш го користела под наем, а киријата ја плаќала на Дивелоп Груп. На 15 ти Декември Макотен веќе почнува постапка за впишување во катастар.
Од 12 милиони евра кои влегуваат на сметката на Дивелоп Груп, 5, 3 милиони задржува Комерцијална банка, која на Мијалков му дава кредит во иста вредност, а парите од тој кредит Мијалков ги плаќа како дел од спогодбата што ја направи со Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција за случајот Империја.
Во јули кога е склучена спогодбата, кредитот од 5, 3 милиони евра од Комерцијална банка е префрлен на сметката на Макпоинт ДООЕЛ Скопје, лична фирма на Сашо Мијалков и од таму си ги наплатува Обвинителството.
Текстот во целост на: Телма