Тошковски: Вие, вашето знаење и вештини сте и потребни на Македонија со цел да градиме европска држава со европски институции

Министерот за внатрешни работи денес присуствуваше на промоција на дипломирани студенти на Факултетот за безбедност – Скопје а претходно со останатиот дел од студентите го „испија“ традиционалното „академско кафе“ коешто се одржува секоја година со студентите и професорите на факултетот.
Министерот Тошковски им честиташе на студентите што одлучиле својата животна професија и знаења да бидат поврзана со безбедноста и ги покани да ги имплементираат во институциите кои се грижат за безбедноста на Македонија.
„Би сакал да ви порачам дека сето она знаење кое го имате стекнато во рамките на Факултетот за безбедност го имплементиравте токму во Македонија. Вие сте им потребни на македонските институции и на Македонија и би сакал да повикам секој еден од вас којшто има за желба да продолжи да функционира и да и го стави на располагање своето знаење на татковината во институциите кои се поврзани и имаат потреба од кадри со ваков вид образование. Ќе има многу огласи во иднина во рамки на МВР и другите институции поврзани со безбедноста и ве повикувам да учествувате во рамки на сите овие огласи со цел да може да го искористиме вашето знаење и капацитети во рамки на институциите со цел да создаваме нормална држава со функционални институции. Заедно да се развиваме, да ја развиваме државата во европска со европски вредности какви што сите посакуваме.“, им порача на студентите министерот Тошковски.
Министерот Тошковски претходно со студентите и професорите на факултетот го „испија“ „академското кафе“ и одговараше на сите прашања од областа на безбедноста, борбата со криминалот и корупцијата, реформите на МВР и безбедносниот систем што ги интересираа студентите и професорите.