Тошковски: Честит 7 Мај – Ден на македонската полиција!

Денеска, од Центарот за обука на МВР, местото кадешто на некој начин се создава и обновува полицијата, со гордост ја отворивме свеченоста по повод овој значаен ден.
Овој ден е посветен на вас, на сите полициски службеници ширум државата. На луѓето кои секојдневно, тивко, пожртвувано и професионално се грижат за безбедноста на граѓаните. Вие сте оние кои први одговараат кога безбедноста е загрозена, кои работат далеку од удобноста на домот, често во тешки и ризични услови. Да се биде полицаец не значи само да се носи униформа, да се биде полицаец значи да се биде првата линија на одбрана на татковината, гласот на правдата и штитот на обичниот човек.
На овој ден со најдлабока почит се сеќаваме и на нашите колеги кои животот го дадоа извршувајќи ја својата должност. Нивната жртва не е само сеќавање, туку обврска што ја носиме сите ние. Обврска да продолжиме посветено, чесно и без отстапки.
Следејќи го пулсот на времето и трендовите во регионалната и глобалната политика и безбедност, посветено работиме на изградба на нови мостови на пријателства и партнерства. Воспоставивме билатерални контакти со бројни земји, но и активно соработувавме со колеги од Европа и пошироко. Храбро ги реализираме реформите во МВР, стремејќи се да бидеме интегрален дел од европските безбедносни политики креирајќи модерна и европска полиција. Постоиме како рамноправен партнер во билатерални и регионални иницијативи, дел сме од заеднички платформи за борба против транснационалниот криминал. Нашите служби денес имаат глас и присуство на сите важни безбедносни форуми. Го слушаме светот, но и светот не слуша нас.
Паралелно со ова, работиме и на подобрување на секојдневното функционирање. Воведени се нови дигитални услуги. Наместо редици, воведувавме ефикасност. Се набавува нова опрема, нови униформи, нови возила. Проектот „Безбеден град“ е повеќе од техничко решение. Тоа е визија за сообраќајна култура, за живот во урбано опкружување со чувство на сигурност. Овој проект е основа за идната „Безбедна држава“.
Работиме и на јакнење на партнерствата со граѓаните. Нема безбедност без доверба. Затоа вложуваме во транспарентност, во отворена комуникација, во постојано присуство на терен. МВР повеќе не е затворена институција, туку институција која чекори со граѓаните, рамо до рамо. Но најважно од сè, инвестираме во луѓето. Го подигаме стандардот. Ги подобруваме условите. Платите растат и ќе продолжат да растат. Бидејќи задоволен и мотивиран службеник е најсилната алка во секој систем. Ќе ги привлечеме најдобрите и ќе ја вратиме гордоста на униформата.
Безбедноста не е привилегија. Таа е темел на секое здраво општество. Без неа нема ниту економија, ниту правда, ниту развој. Затоа нашата обврска е да не отстапуваме. Да продолжиме со професионалност, со отчетност и со посветеност кон граѓаните. Македонската полиција ќе продолжи да се менува. Да расте. Да се подобрува. Ќе биде симбол на редот и на правдата. Ќе инспирира доверба, а не сомнеж. Ќе биде чест да се носи таа униформа.
Да живее македонската полиција!
Да ни е вечна Македонија!