Трамп вели дека САД „победиле“, но борбите продолжуваат

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД „победиле“ во војната против Иран, но дека нивните сили ќе продолжат да напаѓаат сè додека работата не биде завршена, додека Техеран погоди најмалку шест брода во регионот и најави понатамошни напади.

„Никогаш не сакате да кажете дека сте победиле прерано. Ние победивме“, рече Трамп на митинг во Кентаки во среда.

Трамп и Белата куќа издадоа различни изјави во последните денови, од шпекулации дека војната може да трае четири до шест недели или подолго до можноста дека може да заврши „наскоро“.

Американскиот претседател рече дека нападот на САД и Израел врз Иран, започнат на 28 февруари, „практично ја уништил“ блискоисточната земја, уништувајќи голем дел од нејзиното раководство, вооружените сили и нуклеарната програма.

Сепак, претседателот и другите во неговата администрација посочија дека нападите нема да стивнат.

„Не сакаме да си заминеме рано, нели? Мора да ја завршиме работата“, рече Трамп.

Израел, исто така, јасно стави до знаење дека не е подготвен да ја прекине својата кампања, вклучително и нападите во Либан против силите на Хезболах, сојузнички на Иран, велејќи дека останува „широк спектар на цели“.

„Ќе ги прошириме нашите операции“, изјави воениот портпарол Ефи Дефрин во среда.

 

 

 

slobodnaevropa.mk