Американскиот претседател Доналд Трамп изрази оптимизам по разговорите меѓу претставници на Украина и неговата влада за можни начини за завршување на војната во Украина.
Трамп уште еднаш искажа увереност дека и Русија и Украина сакаат крај на војната. „Мислам дека постои добра шанса да постигнеме договор“, рече тој во претседателскиот авион „Ер Форс Уан“.
Американскиот пратеник Виткоф заминува за Москва
Трамп спомена и дека неговиот специјален пратеник Стив Виткоф оваа недела треба да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин во Москва. Американскиот претседател не наведе точен датум. Неколку американски медиуми јавија дека Виткоф планира да отпатува во Русија во текот на денешниот ден (1.12).
Рубио: „Има уште многу работа“
Додека Трамп зборува за добри изгледи за компромисно решение за мир, неговиот министер за надворешни работи Марко Рубио, кој учествуваше на последните преговори, изјави дека «има уште многу работа».
Германскиот министер Вадефул со претпазлив оптимизам
Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул е претпазливо оптимистичен: „Сега влегуваме во една одлучувачка недела“, рече тој во емисијата „Извештај од Берлин“ на АРД.
Вадефул додаде: „Претпазливо сум оптимистичен дека навистина постои шанса да има прекин на огнот и да се водат рамноправни преговори.“
Украина зборува за напредок, но без детали
Водачот на украинската делегација на преговорите Рустем Умеров, по разговорите на Флорида, на Телеграм соопшти дека го информирал претседателот Володимир Зеленски.
„Постигнавме значителен напредок во промовирањето на достоинствен мир и приближување на нашите позиции кон американската страна. Нашите најважни цели – безбедност, суверенитет и сигурен мир – остануваат непроменети и се споделени од американската страна.“ Умеров најави понатамошни консултации за договор околу заедничка рамковна одлука.
И покрај изразениот оптимизам, тој се согласи со оценката на Рубио дека има уште многу работа. Американскиот министер за надворешни работи во неделата лично присуствуваше на средбата со украинската делегација во Флорида. Ниту Рубио ниту Умеров не прецизираа во кои аспекти е постигнат напредок и каде сè уште има пречки.
DW




