Во војната меѓу терористичката организација Хамас и Израел во Појасот Газа од 10 октомври минатата година важи примирје. Тоа е и понатаму кревко. Но сепак, американската влада – преку чија посредништво дојде до прекин на поголемиот дел од борбите – ја започна втората фаза од мировниот план.
Овој дел од планот за мир од 20 точки предвидува, меѓу другото, почеток на обновата во Газа и преодна управа.
Спроведувањето на планот треба да го контролира таканаречениот Мировен совет, со седум основачки членови, кои сега ги назначи американскиот претседател Доналд Трамп. Меѓу нив се неговиот зет Џеред Кушнер, американскиот министер за надворешни работи Марко Рубио, специјалниот пратеник Стив Виткоф, претседателот на Светска банка, Аџај Банга, шефот на американскиот инвестициски фонд „Аполо Глобал“, Марк Роуан, членот на американскиот Совет за национална безбедност, Роберт Габриел — и поранешниот британски премиер Тони Блер.
Блер е познат во Блискиот Исток
За назначувањето на Блер до последен момент имаше шпекулации. Тој уште есеноска беше споменуван како можен член на Советот, но неговото име привремено исчезна од листата на кандидати.
Според британските медиуми, Трамп го преферирал актуелниот британски премиер Кир Стармер. На крајот, сепак, одлуката падна во корист на Блер. Тој по напуштањето на Даунинг стрит во 2007 година беше со години пратеник на т.н. Блискоисточен квартет, состевн од ОН, ЕУ, САД и Русија. Поради учеството на Велика Британија во Ирачката војна под негово водство, Блер на Блискиот Исток е сè уште контроверзна личност.
DW




