Трамп му се закани на Иран со голем напад врз гасно поле

Израел, според американскиот претседател Доналд Трамп, нема веќе да го напаѓа иранското гасно поле „Саут Парс“. Но, доколку Иран повторно го нападне Катар, САД ќе возвратат и „масовно ќе го уништат“ целото поле, се закани Трамп на својата социјална мрежа Трут Соушал. Трамп нагласи дека Катар „во никој случај не е вклучен во нападите на Израел врз иранското гасно поле“, но „за жал, Иран не го знаел тоа“ и го нападна Катар „неоправдано“.

Според американскиот претседател, Израел го нападнал гасното поле „Саут Парс“ „од бес поради случувањата на Блискиот Исток“. САД не знаеле ништо за тој напад, нагласи тој.

„Нема да има нови напади од Израел врз ова исклучително важно и вредно поле“, напиша Трамп на Трут Соушал делумно со големи букви. Освен ако „Иран не реши неразумно да нападне некој целосно невин – во овој случај Катар“. Тогаш ќе следи масивен напад – со или без помош од Израел, напиша Трамп, тврдејќи дека тој всушност не сакал да нареди такво ниво на „насилство и уништување“ поради долгорочните последици за Иран.

Гасното поле „Саут Парс“ има удел од околу 70 проценти во иранското снабдување со гас.

Иран напаѓа гасна постројка во Катар
По нападот на Израел во средата (18.03), Иран се закани дека и самиот ќе напаѓа гасни полиња и рафинерии. Рано наутро, според официјални информации, Иран нападнал неколку постројки за течен гас во индустрискиот регион Рас Лафан во Катар. Постројките кои се значајни за светскиот пазар биле тешко оштетени, соопшти операторот Катар Енерџи на платформата X.

Министерството за внатрешни работи подоцна соопшти дека пожарите биле ставени под контрола и дека нема повредени. Катар е еден од најголемите производители на гас во светот и игра клучна улога во глобалното снабдување со течен природен гас, кој пред сè се испорачува преку Рас Лафан.

 

 

DW