Трамп пристигна во Саудиска Арабија на своето прво големо меѓународно патување во вториот мандат

Американскиот претседател Доналд Трамп пристигна во Саудиска Арабија за да ја започне четиридневната посета на регионот на Персискиот Залив, фокусирајќи се повеќе на економските договори, отколку на безбедносните кризи, од војната во Газа до заканата од ескалација на нуклеарната програма на Иран.

Тој со себе донесе група моќни американски бизнис лидери, вклучувајќи го и извршниот директор на „Тесла“ и советник на Трамп, Елон Маск. Прво ќе го посети Ријад, местото каде што се одржува Саудиско-американскиот инвестициски форум, а потоа во среда (14 мај) ќе ги посети Катар и во четврток (15 мај) Обединетите Арапски Емирати, но нема да го посети Израел.

„Иако енергијата останува камен-темелник на нашите односи, инвестициските и деловните можности во кралството се проширија и се зголемија многу, многу пати“, рече саудискиот министер за инвестиции, Халид ал-Фалих, отворајќи го форумот.

„Како резултат на тоа кога Саудијците и Американците се здружуваат, се случуваат многу добри работи, честопати се случуваат големи работи кога тие заеднички потфати ќе се реализираат“, рече тој пред пристигнувањето на Трамп.

Саудиско-американскиот инвестициски форум се отвори со видео на кое се прикажани орли и соколи, славејќи ја долгата историја меѓу Соединетите Држави и кралството.

Саудиска Арабија и САД одржуваат силни врски со децении, врз основа на цврст договор според кој кралството снабдува нафта, а САД обезбедуваат безбедност.

Саудиски борбени авиони Ф-15 го опкружуваа „Ер Форс Уан“ од двете страни, летајќи во непосредна близина за да се обезбеди безбедно пристигнување на Доналд Трамп во Саудиска Арабија,пишува „Волстрит џурнал“.

 

 

 

slobodnaevropa.mk