Трајко Славески очекува пад на инфлацијата на 2,5 %

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, најавува дека инфлацијата во Македонија ќе се намалува и годинава ќе се сведе на 2,5%, а потоа постепено ќе се врати на историскиот просек од околу 2%.

Додека Народната банка очекува стабилизација на цените, Државниот завод за статистика (ДЗС) во последниот извештај за декември 2025 година посочува дека трошоците за живот за една година пораснале за 4,1%.

Народна банка очекува стабилизација на цените
Според Славески, домашната економија досега покажува отпорност на глобалните ризици, а позитивните трендови ќе продолжат и годинава. Важна улога ќе имаат јавните инвестиции во патната и железничката инфраструктура, како и локалните инфраструктурни проекти.

„Очекуваме солидно закрепнување на економијата, поттикнато од јавни и приватни инвестиции, особено во производствениот и енергетскиот сектор. Дополнителен импулс ќе даде приливот на странски директни инвестиции“, вели гувернерот во изјава за магазинот „Економија и бизнис“.

Славески прогнозира дека економскиот раст годинава ќе изнесува околу 4%, потпомогнат од умерен раст на расположливиот доход на домаќинствата, стабилна кредитна активност на банките и закрепнување на извозот на стоки и услуги.

Според гувернерот, намалувањето на инфлацијата се должи на поволни движења на светските цени и ограничените притисоци од домашната побарувачка. Народната банка најавува дека ќе продолжи внимателно да ги следи економските остварувања за да ја зачува ценовната и финансиската стабилност.

ДЗС: Трошоците за живот пораснаа за 4,1% во декември
Според последниот извештај на Државниот завод за статистика (ДЗС), индексот на трошоците на животво декември 2025 година е зголемен за 4,1% во однос на истиот месец претходната година. Индексот на цените на мало бележи раст од 3,7%.

Во однос на ноември, инфлацијата во декември е зголемена за 0,4%, а најголем пораст е забележан кај транспортот (+5,8%), рекреација и култура (+0,8%), здравство (+0,7%) и мебел (+0,5%). Помали зголемувања има кај ресторани, домување, енергенси и алкохолни пијалоци.

 

 

 

DW