По повеќемесечно игнорирање на повиците од правосудните институции, претседателот на Република Српска, Милорад Додик, вчера (4.07) се појави пред Обвинителството на Босна и Херцеговина во Сараево. Судот на БиХ, на предлог на Обвинителството, го отфрли барањето за притвор, што предизвика лавина од политички реакции – од прослави во Додиковиот СНСД (Сојуз на независни социјалдемократи) до остри критики на сметка на правната држава, но и кон самиот Додик.
Откако Додик во вечерните часови, во придружба на адвокат, се појави во просториите на Обвинителството и Судот на БиХ, каде што се одржа неговото сослушување, тој се обрати до јавноста, велејќи дека одлуката за укинување на притворот ја смета за „важна“, но дека се чувствува „уморен од сè”, а не триумфално. Сепак, во Бања Лука се славеше – со Додик беа неговите најблиски соработници, вклучително и претседателката на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ, која рече дека во СНСД и РС се „навикнати да победуваат“.
„Додик ги прекрши законите на РС со доаѓањето во Судот на БиХ“
Додека провладините медиуми во Република Српска истакнуваат дека Додик го „понижил“ Судот на БиХ, опозицијата и некои граѓански партии остро ги критикуваат неговите постапки. Претседателот на Листата за правда и ред, Небојша Вукановиќ, за ДВ тврди дека со доаѓањето во Обвинителството и Судот на БиХ, Додик ги прекршил законите на РС што претходно ги иницирал, а со кои се суспендира работата на судските институции на БиХ на територијата на тој ентитет.
„Додик е кукавица која ја подвитка опашката“, рече Вукановиќ. „Ако имаше правда и закон, полицијата на РС требаше сега да го уапси затоа што со месеци ги држеше сите во вонредна состојба, ги доведе полицајците во ситуација да одговараат, а сега ги остави на цедило“. Тој додава дека „србувањето падна во вода“ и бара вонредна седница на Народното собрание на РС, затоа што Додик, како што тврди, „ги погазил“ неговите одлуки.
СДС: „Додик дојде на суд што не го признава – да го признае она за што е осомничен“
„Царот е гол“, соопшти Српската демократска партија, најголемата опозициска сила во Република Српска. Во соопштението, тие наведуваат дека „оној што го потпиша законот за забрана на работењето на Судот на БиХ, Обвинителството на БиХ и СИПА на територијата на РС, се закани дека ќе им го одземе имотот на Србите што нема да ги напуштат овие институции, ги зголеми тензиите и иницираше конфронтација меѓу членовите на СИПА и Министерството за внатрешни работи на РС – заборави на сè и отиде со наведната глава во Судот и Обвинителството што не ги признава, во Сараево“. Тие додаваат дека тој отишол „да го признае она за што е осомничен – дека го урива уставниот поредок“.
Градоначалникот на Бања Лука и лидер на Партијата за демократски прогрес, Драшко Станивуковиќ, цинично коментираше дека Додик „се прикраде во институција што не ја признава“. Тој исто така тврди дека сè било организирано далеку од очите на јавноста со цел да се избегне политичка одговорност и штета.
Критики за судството: „Дали некој друг би бил третиран исто?“
Реакции пристигнаа и од Федерацијата Босна и Херцеговина. Наша партија го праша Обвинителството зошто Додик не е приведен и зошто сослушувањето било затворено за јавноста. „Транспарентноста е клуч за доверба во судството“, се вели од партијата и се бара јавно објаснување на одлуките.
„Без оглед на неговото доброволно пријавување, Додик формално бил бегалец. Се поставува логично прашање: дали некој друг во истата ситуација би добил ист третман? Додик одби да прифати налог за апсење од СИПА, користејќи ја институционалната заштита и вооружената сила на МВР на РС. Ако во тоа време не беше можно да биде приведен во источно Сараево од безбедносни причини, како е можно сега во Сараево, без заштита на полицијата на РС, да биде фактички ослободен?“, прашува Наша партија.
DW