Укинувањето на државни празници е „во мода”. Францускиот премиер Франсоа Бајру во јули предложи Велигденскиот понеделник и Денот на победата над фашизмот (8 мај) да бидат избришани од списокот на неработни денови во Франција, кои вкупно се 11 во годината. Предлогот наиде на жестоки критики од речиси целата политичка сцена.
Бајру тврдеше дека ваквиот потег ќе помогне во ублажување на буџетскиот притисок, а тој не е единствениот што размислува на таков начин.
Порано годинава, Словачка укина еден државен празник во обид да ја стабилизира фискалната состојба, а Данска уште во 2023 година се откажа од еден празник после Велигден. Владата во Копенхаген го оправда потегот со потребата да се обезбедат дополнителни средства за покривање на растечките трошоци за одбрана.
Дебатата не е ограничена само во Европа. Американскиот претседател Доналд Трамп на 19 јуни, денот што го одбележува крајот на ропството, објави на социјалните мрежи дека „САД имаат премногу неработни денови“ и дека тоа наводно ја чини економијата милијарди долари.
Многумина го протолкуваа тоа како политички изјава, особено бидејќи се работи за симболичен ден за афроамериканската заедница и што беше исто прогласен за државен празник од администрацијата на претходниот претседател Бајден.
Но, дали навистина има доволно докази дека земјите со помалку државни празници се и поекономично продуктивни?
Помалку празници значи поголема продуктивност?
„Доказите за таа теза се ограничени“, вели Чарлс Корнс, виш економист од британската консултантска куќа СЕБР, за ДВ. „Продуктивноста не зависи толку од бројот на неработни денови, колку што од фактори како што се ефикасноста на работната сила, капиталните инвестиции и технологијата.“
Некои истражувања покажуваат дека кратењето на државни празници може да доведе до многу мало зголемување на БДП.
Истражување од 2021 година на Лукас Росо и Родриго Андрес Вагнер покажало дека државните празници можат всушност да ја зголемат побарувачката за одредени поткатегории на БДП, но исто така дека кога празниците се паѓаат за време на викенд и не се заменуваат, се забележува мало зголемување на БДП.
DW




