Украинскиот претседател рано утрово потпиша декрет со кој се дозволува безвизен влез на странските доброволни борци, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Од 1 март воведен е безвизен режим за влез на странци кои сакаат привремено да се приклучат на Меѓународната легија за територијална одбрана на Украина за време на воената состојба“, се вели во декретот.
Одлуката не се однесува на руските граѓани.
Меѓународната легија за територијална одбрана на Украина е доброволна воена единица на странска легија создадена од Владата на Украина на барање на претседателот Владимир Зеленски за борба против руската инвазија на Украина.
Украина во неделата ги покани странците кои се подготвени да ја бранат земјата од Русија да се придружат на борбата.
„Странците кои се подготвени да ја бранат Украина и светскиот поредок како дел од Меѓународната легија за територијална одбрана на Украина, ве повикувам да контактирате со странските дипломатски претставништва на Украина во вашите земји“, напиша на Твитер министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба.
извор: Агенција Анадолија (АА).