Додека Унгарија влегува во последниот месец од предизборната кампања, тензиите меѓу неа и Украина како да достигнуваат нови пикови со секој ден. Владејачката партија Фидес во Унгарија анти-украинските пораки ги направи клучен столб на својата кампања, тврдејќи дека Украина би можела да се меша во изборите, па дури и да ја нападне Унгарија. Од друга страна, украинскиот претседател Володимир Зеленски го обвини унгарскиот премиер Виктор Орбан дека ја поддржува Русија со сите средства што му се на располагање, освен со „напади со ракети или дронови“. Додека руските трансфери на нафта до Унгарија преку Украина се во прекин, Унгарија ја блокира многу потребната помош од ЕУ за својот сосед и Будимпешта уште повеќе го зголемува притисокот.
Унгарскиот потег: спроведување на законот или „бандитско“ однесување?
На 5 март унгарски специјални сили запреа две безбедносни комбиња во сопственост на украинската Ошадбанк, кои транспортираа готовина и злато од Виена до Украина преку Унгарија. Покрај тоа, привремено приведоа и седум украински државјани.
Унгарските власти велат дека дејствувале врз основа на сомневање за перење пари. Украинската банка и нејзиниот австриски бизнис партнер тврдат дека се работело за легален, редовен транспорт на готовина, што го натера украинскиот претседател Зеленски да ја обвини Унгарија за „бандитско“ постапување.
Милиони во кеш и злато
Уапсените Украинци во меѓувреме се ослободени и протерани од Унгарија. Иако комбињата беа вратени во Ошадбанк, нивниот скапоцен товар – готовина во вредност од околу 80 милиони долари (70 милиони евра) во банкноти од евра и долари и 9 килограми (20 фунти) злато – остануваат во рацете на унгарските власти и веројатно нема да бидат вратени во скоро време. Со владин декрет издаден на 9 март, се наредува готовината и златото да се чуваат најмалку 60 дена за да се овозможи истрага за „потеклото, дестинацијата, употребата и намената“ на средствата. Ден потоа унгарскиот парламент – во кој партијата Фидес на Орбан има мнозинство – донесе закон со ист ефект.
Правни експерти со сомнеж за обвинувањата на Унгарија
Уште од самиот почеток, владее загриженост за легалноста на запленувањето на средствата и обвинувањата за перење пари. ДВ испрати неколку прашања до унгарските власти. До моментот на објавување на овој текст не стигна никаков одговор.
DW




