Унгарски воен хеликоптер се урна во Хрватска

Унгарски воен хеликоптер се урна на 21 јуни за време на обука во Хрватска. Во несреќата загинаа најмалку двајца членови на екипажот, соопшти унгарското Министерство за одбрана.

Два хеликоптери Ербас Х145 учествувале на обука кога еден од нив се урна, соопштија од Министерството за унгарската новинска агенција МТИ, пренесе Асошиејтед прес.

Во хеликоптерот имало три лица. Причината за несреќата не е позната.
Унгарската претседателка Каталин Новак изрази сочувство до семејствата на жртвите.

Таа рече и дека телефонски разговарала со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ и дека му се заблагодарува за помошта во спасувањето.

Претходно хрватското Министерство за одбрана соопшти дека се урнал хеликоптер на странска држава.

„Тоа не е хеликоптер на вооружените сили на Република Хрватска“, објави Министерството на Твитер.

Хрватската војска мобилизираше авион и хеликоптер за да помогнат во проверката на областа каде што се урнал хеликоптерот.

Хрватските власти не соопштија детали за несреќата, која се случи во планинска област во областа на кањонот на реката Чикола во близина на Шибеник, на околу 300 километри јужно од Загреб.

Хрватска стана членка на НАТО во 2009 година и често е домаќин на воени вежби со земјите партнери во Алијансата.

 

Радио Слободна Европа