Уставен го поништи Законот за солидарен данок, државата ќе треба да врати 50 милиони евра

Уставниот суд донесе одлука за поништување на Законот за солидарен данок. Тоа значи дека државата ќе треба да врати околу 49,2 милиони евра на 156 компании.

Постапка за оценување на уставноста на оспорениот закон Уставниот суд ја поведе на 20 ноември минатата година со спојување на повеќе предмети, а на денешната седница беше донесена конечната одлука.

Данокот на солидарност беше воведен како еднократна, вонредна јавна давачка за 2023 година. Овој данок го плаќаа компаниите кои во 2022 година оствариле вкупен приход поголем од 615 милиони денари (околу 10 милиони евра). Целта беше да се соберат средства за ублажување на последиците од кризата и да се придонесе за јавните расходи на солидарен начин.

Подносители на иницијативите се Финмак ДОО, Скопје (У.бр.179/2023), Стопанска комора на Република Македонија (У.бр.183/2023), ДТУ ЕТМТ ЕНЕРЏИ ДООЕЛ Скопје (У.бр.187/2023), Стопанска комора на Северо-Западна Македонија Скопје (У.бр.190/2023) и Друштво за консалтинг Лански, Ганзгер, Зеќири + Партнер ДОО (У.бр.197/2023).

Судот, во ноември минатата година, изрази сомнеж дека оспорениот Закон ја повредува темелната вредност владеење на правото уредена со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и фундаменталните принципи на кои почива, како што е правната сигурност на субјектите во нивната правна положба, правната предвидливост и правната извесност во легитимните очекувања на субјектите во правото.

Во расправата уставните судии изразија сомнеж дека станува збор за Закон кој произведува повратно дејство, што е во спротивност со членот 52 од Уставот.

 

 

 

skopjeinfo.mk