Моментално имаме десничарска авторитарна Влада во нашата земја која не сака да ја придвижи земјата напред, тоа е како со вакцината, ја добивме првата доза со НАТО, но не ја добивме втората доза. Ова е дел од обраќањето на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на панел-дискусија за прогресивните сили, во рамки на Втората меѓународна конференција во Атина организирана од Институтот „Алексис Ципрас”.
Пред четири дена Филипче имаше поинаков тон околу застојот во евроинтеграцискиот процес. Од средба со граѓани во Прилеп побара Бугарија јасно да каже дека нема да има барања на непринципиелна основа.
„Бугарите треба да направат навистина еден чекор, кога еден нивни сосед којшто има аспирации да стане земја членка во Европска Унија – да се однесуваат по европски. Ако ние стравуваме дека утре може да има некаква блокада на непринципиелна основа, на основа на јазикот, идентитетот и тaка натаму, нека покажат европско однесување и нека кажат дека нема да го има. Нека кажат – ние сакаме нашите соседи да се во Европа, еве ќе ви дадеме поддршка, не се грижете, нема да има такви барања. Е тоа е вистинска добрососедска политика, а не само да притискаш некого што е помал и послаб од тебе“, порача Филипче, додавајќи дека СДСМ лобира кај сестринските партии од ПЕС за поддршка на извештајот на Европскиот парламент (ЕП) за Македонија.
Вчерашните наводи на Филипче во Атина коишто ги пренесе МИА, предизвикаа реакција од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
„По стапките на Заев, Филипче од сред Грција ја кодоши и напаѓа Македонија. Кога мислевме дека од Заев нема полошо, Филипче е тука да нѐ демантира и да ни покаже зошто мора да се поразат овие квази политичари кои ја мразат сопствената држава и ги распродаваат националните интереси“, се вели во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека сето тоа се случува од Грција, од каде фирмата која му купила џип на Филипче купувала и јаглен, а тој со денови не одговара – ни зошто му купиле џип, ни како преку јагленот 9 милиони завршиле на сметка на фирма на Заеви во Бугарија.
DW




