Филипче контра Мицкоски: Европа не е закана за идентитетот

Дебатата за напредокот кон Европската унија повторно се интензивира, откако најновиот извештај на Европскиот парламент отвори низа прашања за реформите и политичката насока на земјата. Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, смета дека документот јасно укажува на застој во клучните процеси.

На прес-конференција во Скопје, тој ги отфрли тврдења дека европскиот пат го загрозува националниот идентитет. Според него, наместо напредок, државата се соочува со одложувања кои, како што потенцира, требало одамна да бидат надминати.

Филипче потенцираше дека извештајот на Европскиот парламент ги потврдува предупредувањата на СДСМ за состојбите во државата, посочувајќи дека нема реформи, нема борба против корупцијата и нема напредок на европскиот пат.

„Извештајот на Европскиот парламент е јасен, остар и недвосмислен, а тоа е дека едноставно немаме напредок на европскиот пат. Премиерот јавно зборува дека нема да имаме, ниту може да очекуваме од него и од оваа влада некаков напредок на европскиот пат“, вели Филипче.

Според него, европратениците изразуваат загриженост дека судскиот систем, независноста на судството, обвинителството, како и напорите за јакнење на владеењето на правото и борбата против корупцијата не напредуваат доволно. Понатаму, констатираат со загриженост дека не е постигнат напредок во спречувањето и борбата против корупцијата во многу области, како и дека има длабоки структурни слабости и негативни трендови во функционирањето на судството, вклучително и недоволно финансирање и кадровска екипираност на судските институции, што ја поткопува судската независност.

Според Филопче, СДСМ со месеци наназад предупредуваа на овие состојби, а извештајот тоа сега го потврдува.

Клучни забелешки од извештајот и потребата од реформи
„Извештајот повикува на итно воздржување од политичко мешање во правосудството и ја нагласува важноста од заштитата на интегритетот, вклучително и преку зајакнување на Судскиот совет, согласно препораките од мисијата за колегијална ревизија на Венецијанската комисија од 2023 година“, рече Филипче.

Тој се осврна и на Кривичниот законик и антикорупциските политики, посочувајќи дека е потребен нов закон.

„Се повикува Владата на подобра имплементација на Националната стратегија за спречување на корупцијата. Понатаму, се нотира странско мешање, вклучително и преку медиуми под унгарско влијание кои шират антиевропски наративи“, рече тој.

 

 

 

DW