Храмот Фра Пранг Сам Јот, изграден во 13 век од кмерскиот крал Џајаварман VII, е една од најпознатите туристички атракции во стариот град Лопбури во Тајланд, јавува Анадолу.
Неговата историја и архитектура сведочат за трансформациите низ кои поминал низ вековите – од будистички храм, до светилиште посветено на богот Шива по смртта на кралот, па повторно во будистички храм во 17 век.
Сепак, храмот не привлекува туристи само поради своето религиозно и културно значење – туку поради макаки мајмуните кои го имаат „окупирано“.
Затоа е познат и како храм на мајмуните, при што денес е дом на неколку илјади мајмуни, кои го претвориле ова место во своја тврдина.
Се верува дека нивното присуство во храмот е поврзано со годишниот Фестивал на мајмуните, кога локалното население им остава овошје и зеленчук како дарови.
Со текот на времето, макаки мајмуните останале да живеат во храмот, одвојувајќи се од човечката популација, но останувајќи во постојан контакт со туристите кои го посетуваат местото.
Живеејќи толку блиску до луѓето, макаки мајмуните се адаптирале и станале храбри, па често им ги грабнуваат храната и личните предмети на посетителите.
Локалните жители веруваат дека тие се живи претставници на хиндуистичкиот бог Хануман и претставуваат симболи на среќа.